• понеделник, 23 декември 2024

Иран го обвини Израел за нападот во Сирија во кој загинаа најмалку 16 лица

Иран го обвини Израел за нападот во Сирија во кој загинаа најмалку 16 лица

Техеран, 9 септември 2024 (МИА) - Техеран го обвини Израел за „криминален напад“ на централниот дел на Сирија, каде, според државните сириски медиуми, загинаа најмалку 16 луѓе.

„Остро го осудуваме овој криминален напад на ционистичкиот режим врз сириска територија“, изјави портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Насер Канани.

Според сириските државни медиуми, во нападот, за кој го обвинуваат Израел, врз провинцијата Хама во текот на ноќта загинаа најмалку 16 лица, а над 40 се повредени.

Тоа е најсмртоносниот израелски напад врз Сирија од наводниот израелски напад врз иранската амбасада во Дамаск во април. Засега нема коментар од Израел, кој вообичаено не ги коментира извештаите за напади во Сирија.

Сириската државна агенција САНА соопшти дека нападите биле извршени околу 23 часот и 20 минути, без да прецизира кои цели. Сириската противвоздушна одбрана соборила некои од проектилите.

Сириското Министерство за надворешни работи го окарактеризира нападот како манифестација на отворена агресија. Покрај 16 загинати и десетици повредени, причинета е материјална штета на станбени населби, се вели во соопштението на сириските власти. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан