• сабота, 23 ноември 2024

Иранскиот командант на силите Кудс се појави на погреб на ирански генерал

Иранскиот командант на силите Кудс се појави на погреб на ирански генерал

Техеран, 15 октомври 2024 (МИА) - Иранскиот командант Есмаил Кани, лидер на силите Кудс, огранок на Чуварите на револуцијата за надворешни операции, денеска присуствуваше на погребот на генерал кој беше убиен во израелски напад крајот на септември, заедно со лидерот на либански Хезболах, Хасан Насрала, покажуваат снимките од иранската државна телевизија.

Генералот Кани исчезна од јавноста, а некои медиуми тврдеа дека бил цел на израелски напад во Либан.

Тој денеска присуствуваше на погребот на Абас Нилфурушан, генералот на Чуварите на револуцијата, кој беше убиен заедно со лидерот на Хезболах Насрала во израелскиот напад на јужно предградие на Бејрут на 27 септември.

Масата, која скандираше „Смрт за Израел“ и носеше жолти ленти на Хезболах и ирански и палестински знамиња, се собра на погребната поворка на Плоштадот Имам Хусеин во центарот на Техеран.

Иран е близок сојузник на Хезболах, кој е во војна со Израел, а телото на убиениот генерал Нилфурушан беше пренесено од Либан во Иран за да биде погребано.

Иран на 1 октомври истрела околу 200 ракети кон Израел, наведувајќи дека тоа е одмазда за убиството на Насрала, Нилфурушан и лидерот на палестински Хамас Исмаил Ханија, кој беше убиен во јули во Техеран во напад кој му беше припишан на Израел.

Израел вети дека ќе одговори на иранскиот напад.

Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагши, неодамна го посети Либан, Сирија, Саудиска Арабија, Катар, Ирак и Оман за да бара примирје во Либан и Газа, и начин за спречување на ширењето на војната во целиот регион.

Арагши во неделата повтори дека Иран е „целосно подготвен за воена ситуација“, но даде уверувања дека Иран „не сака војна, туку сака мир“.

Во април, Иран лансираше дронови и ракети кон Израел како одговор на смртоносниот напад на иранскиот конзулат во Дамаск, кој му беше припишан на Израел. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан