• понеделник, 28 октомври 2024

Иранската добитничка на Нобеловата награда за мир Мохамади осудена на уште 15 месеци затвор

Иранската добитничка на Нобеловата награда за мир Мохамади осудена на уште 15 месеци затвор

Техеран, 16 јануари 2024 (МИА) - Иранскиот револуционерен суд ја осуди добитничката на Нобеловата награда за мир Наргес Мохамади на уште 15 месеци затвор. Мохамади веќе отслужува повеќекратни казни од околу 12 години затвор, јави Би-Би-Си.

Таа беше обвинета за ширење пропаганда против Исламската Република додека беше во затвор. Нејзиното семејство ја критикуваше пресудата, истакнувајќи дека тоа е петта осуда против Мохамади од март 2021 година. Таа не беше присутна на последното судење и пресудата беше донесена во нејзино отсуство.

Наргес Мохамади со децении водеше кампања за човекови права во Иран, а веќе две децении повремено е во затвор поради нејзиниот активизам. Била апсена 13 пати и осудена на вкупно 31 година затвор. Покрај дополнителните месеци затвор, новата казна предвидува Мохамади да помине две години во егзил надвор од Техеран. Ова значи дека таа ќе мора да биде преместена од озлогласениот затвор Евин, каде што моментално се наоѓа.

Во пресудата е наведено и дека по издржувањето на казната ќе и биде забрането патување во странство во траење од две години, ќе и биде забрането членство во политички и општествени групи, како и дека за истиот период нема да може да има мобилен телефон. 

Мохамади (51) ја доби Нобеловата награда за мир во 2023 година за нејзината работа во борбата против угнетувањето на жените во Иран. Нејзините деца, тинејџери, кои со години не ја виделе својата мајка, ја примија наградата во нејзино име во октомври во Осло. Тие прочитаа говор, за кој Би-Би-Си вели дека е прошверцуван од затвор, во кој Мохамади ја осуди „тиранската“ влада на Иран.

„Ја пишувам оваа порака зад високите, студени ѕидови на затворот. Иранскиот народ со истрајност ќе ја надмине репресијата и авторитарното владеење“, нагласи Мохамади во тој говор. паг/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан