• среда, 25 декември 2024

Георгиев за МИА: ЕК нотира стари и реални проблеми, но имаме ресурси и квалитети за подобрување на правосудството

Георгиев за МИА: ЕК нотира стари и реални проблеми, но имаме ресурси и квалитети за подобрување на правосудството

Скопје, 15 ноември 2023 (МИА) - Ресурсите, квалитетите и правната култура, според претседателот на Судскиот совет, Сашко Георгиев, даваат надеж за нашето правосудство. Проблемот, според него, е што со години робуваме на несоодветни законски решенија кои треба да се реформираат од практичари кои ги спроведуваат реалните потреби. Заминувањето во пензија на дел од судиите и влегувањето на нови кадри, вели дека прави природен ветинг кој носи надеж дека може да имаме солидно судство во кое ќе имаме доверба.  

Ова се дел од ставовите на претседателот Георгиев кои ги истакна во интервју за МИА во кое разговаравме за повеќе теми, меѓу кои и Извештајот на Европската Комисија, како и актуелните случувања во правосудството.

Во интервјуто за МИА, Георгиев, вели дека Извештајот на Европската Комисија за напредокот на земјава, кој нотира дека нема напредок во правосудството, во најголем дел е реален. Според нивните согледувања, како што кажа, станува збор за реални, стари проблеми во функционирањето на правосудството. Тој посочи дека во Извештајот не се опфатени последните четири-пет месеци во кои има избор на судии, претседатели на судови и завршени или во завршна фаза постапки за судии, кои очекува да се најдат во извештајот од следната година. 

Во однос на тоа дека во извештајот како негативно беше нотирано и разрешувањето на неговата претходничка, Весна Дамева, тој посочи дека таа процедура е направена во услови кога нема пропишано процедурално законско решение за разрешување на претседател на Судски совет, и дека тоа е одлучено со мнозинство на гласови во Советот. 

- Советот раководи, располага и работи врз основа на мнозинство на гласови. Тоа е општо познато. Значи, тоа со закон е уредено, дека сите одлуки се донесуваат со мнозинство на гласови. Како колективно тело, тоа беше одлука на мнозинство на гласови од телото, односно Советот, каде што со девет гласа „за“ беше констатирано дека беше разрешена претходната претседателка и тоа е одлука која што мнозинството ја донело, ја прифатило и ја спровело. Врз основа на таа одлука е закажана седница за избор на нов претседател, вели тој. 

Георгиев додаде дека фактот што не постои законска одредба за разрешување на претседател на Судски совет е празнина во законот и смета дека тоа во скоро време мора да се реши, при што посочи дека новоформираната работна група на Министерството за правда за измени и дополнување на Законот за судски совет, меѓу другото, треба да го има предвид и тоа.

- Повикувам во оваа работа група што е на потег да ги реформира законските решенија во делот на Судскиот совет, да бидат застапени практичари кои работат во тој дел, бидејќи во минатото имаше многу случаи каде што за вакви или слични состојби беа застапени повеќе професори и луѓе кои што теоретски само ги применувaат законите, а најдобри решенија, според мене, се решенијата кога ќе бидат вклучени практичари, кои ги познаваат реалните аномалии и проблеми во тековното работење, смета Георгиев. 

На прашањето во врска со функционалноста на Бадентеровиот принцип при изборот на судии, претседателот Георгиев посочи дека по повеќе години откако е воведен принципот во Собранието, а подоцна и во Судскиот совет и во Советот на јавни обвинители, време е да се најде некое друго законско решение.

- Сметам дека застапеноста е нужна и потребна во ваквите тела, како и во Судски совет, но, од друга страна, дали е тоа правилно и добро решение за сите овие 20 години и во иднина да се применува тој начин со гласање при избор на судии, јас сметам дека е најважно на граѓаните да им овозможиме избор на квалитетни и добри кадри судии, најмалку е важно од која националност се, кажа претседателот.

Според него, во скоро време тоа би требало да биде предмет на размислување, односно, како што вели, да се изнајде начин како да бидат застапени сите националности, а од друга страна, да не биде пресудна националната припадност за одреден избор.

Изјавата на американската амбасадорка Анџела Агелер, во која таа вели дека и покрај тоа што мандат на Судскиот совет е да обезбеди правилно и транспарентно функционирање на судството виделе малку докази за исполнувањето на овие, како што рече, „свети обврски“, ја коментираше со тоа дека транспарентноста е недоволна и треба да се надградува.  

- Транспарентноста не значи само камери, да се снимаме и да презентираме на јавноста и на граѓаните кој што кажал и какво е неговото убедување. Тоа е можеби еден мал дел од транспарентноста. За мене транспарентноста е од кои причини, по одреден случај, дали при избор, или за разрешување, зошто е избран конкретен кандидат. Треба да се знае точно какви резултати постигнал тој, колку предмети решил, колку предмети му се укинати, од кои причини му се укинати, дали се повторуваат исти или идентични проблеми при укинување на предмети. Тоа е една генерална проблематика во транспарентноста која што ние мораме да ја конкретизираме, посочи Георгиев. 

Во однос на анкетата на ДКСК и ОБСЕ која покажа дека над две третини од судиите не веруваат дека Судскиот совет ја штити независноста на судството кажа дека е недозволиво судија да трпи влијанија и некакви непријатни односи во делот на своето работење, а сето тоа да го затскрива пред Советот, а од друга страна, да го изнесува во тајни анкети.

Тука се надоврзавме и со случајот за претседателката на Врховен суд, Беса Адеми, која преку медиумите обелодени дека судиите таму се под притисок да ја оживеат амнестијата на поранешниот претседател Иванов со цел да се овозможи непречено враќање на поранешниот премиер Никола Груевски во земјава, за кој Георгиев посочи дека очекувал ваквите аномалии да се истакнат на соодветното место.

- Во нашиот Закон за Судски совет, согласно членот 2 е превидено дека Советот ја гарантира заштитата од какви било влијанија на судиите, меѓу кои и политички. Редот на нештата е таков каде што судија, доколку трпи вакви влијанија, може да го пријави тоа во Советот. Евентуално може да го пријави во Обвинителството и системот да си преземе мерки за заштита, потенцираше тој.

Нејзиното непојавување на средбата на која ја покани Советот го искоментира како недоволно професионално, особено поради фактот што претседателката на Врховен суд е член по функција во Советот. 

- Улогата на претседател на Врховен суд може да придонесе за решавање на проблемите. Тоа е еден член кој може со своето искуство и познавање на состојбите во судството, на највисокиот Врховен суд, да придонесе во голема мера во дискусијата. Сметам дека е потребно да присуствува на седници, и од друга страна, да се носиме со реалните проблеми, за кога имаме вакви ситуации, тоа да биде местото каде што треба да се отворат овие прашања, смета Георгиев.

Тој го повика и министерот за правда, Кренар Лога, кој, исто така, е член по функција на Судскиот совет, но не се појавува на седниците, со неговото присуство да придонесе за решавање на проблемите.  

- Како ние како Судски совет да допреме до извршната власт ако не се слушнат проблемите за судови. Како ние ќе ги решаваме проблемите, дали за администрацијата, за недостиг на судии. Како ние ќе имаме простор за размислување и за дискусија во Парламентот, кој ќе ги пренесе нашите ставови? Тоа е улогата на министерот за правда, да се соочи со реалните проблеми, да ги слушне проблемите во судството, и нормално, да ги пренесе во институциите, рече претседателот на Судски совет.

За одлуката на министерот Лога да го разреши судијата Лазар Нанев од Совет за координирање на информатичко-комуникациска технологија во правосудните органи и оставките на членовите на Судски совет, Лорета Горгиева и Миљазим Мустафа од Советот за ИКТ, кои беа токму поради разрешувањето на судијата Нанев, кажа дека тоа е видување на министерот, односно право на колегите членови, и не би сакал да навлегува во тој дел. 

За тоа дали Судскиот совет досега имал преставка за работата на Нанев, вели дека вообичаено во текот на една календарска година Советот има околу 500 претставки за судиите.

- Така што не е спорно дека имало и за колегата Нанев. Но, во секој случај, повторно ќе истакнам дека не навлегувам во делот на одлуката на министерот за правда, односно разрешување од ИКТ телото, затоа што претпоставувам дека тој имал свои причини поради кои сметал дека тоа е добро решение, додаде тој.

Во интервјуто говоревме и за изборот за претседател на Основниот граѓански суд во Скопје, каде што беше избран судијата Бесник Авдија, за кого во јавноста кружеше контроверзна снимка. Георгиев истакна дека доколку се утврди проблем по однос на интегритетот, Советот е тука да реагира.

Нагласи дека Авдија бил кандидат и во 2019 година, и тогаш се појавила таа снимка, која била разгледувана на колегиум и наводно било утврдено дека станува збор за снимка од 2017 година, која содржела приватни разговори. Авдија во 2019 година не бил избран за претседател на Граѓанскиот суд, но тој непречено продолжил да ја извршува судската работа. 

- Тогаш не беше избран овој колега, помина друг колега претседател и за сите овие четири, пет години, колку е периодот, немаше никаква реакција, односно немаше никаква констатација за овој судија. Значи тој продолжува да работи како судија, остварува резултати за целиот овој период, и сега кога повторно се отвори прашањето за избор за претседател, каде што конкурираше овој колега судија и меѓу другото тој беше и единствен кандидат, ден-два пред седницата се објавија ваквите содржини од таа видео снимка, вели Георгиев.

За пресудата за случајот „Фероинвест против ИРЛ“ во која граѓанскиот суд Скопје ја осуди за клевета Истражувачката репортерска лабораторија и уредничката Сашка Цветковска за документарецот „Заговор против воздухот“ по тужба на поранешниот вицепремер, Кочо Анѓушев, сопственик на Фероинвест, Георгиев рече дека до Советот пристигнало барање за утврдување одговорност на судија кое, како што рече, ќе биде разгледано и ќе биде предмет на дискусија на седница. Според него, добро е што станува збор за првостепена пресуда по која има простор за жалба. 

Во врска со измените на Кривичниот законик, кои овозможија повеќе дела од висока корупција да застарат или да бидат намалени казните, тој рече дека како судска власт се ставени во неповолна ситуација каде што перцепцијата ја носат тие како судство, а законите се тие кои ги носи Собранието. 

Истакна дека се согласува лично и како граѓанин, и како судија, како и претседател на Судски совет, дека правдата, како што рече, во одреден дел од предметите била спора. 

- Сметам дека тука како правосудство мораше да се посвети поголемо внимание, особено во делот на времетраењето на овие постапки. Имавме состојби каде што при завршено првостепено утврдување на постапката, каде што во најголем дел, колку што е познато, имавме осудителни одлуки, со изречени казни затвор, се случи да по право на жалба од страна на бранителите, обвинетите, се укинуваа овие предмети, кои по извесно време се вратија повторно на судење. Убеден сум дека во најголем дел можеше да се постапува пред второстепените судови, да се отвори јавна седница, евентуално да се отстранат прекршувањата на некои процедурални процеси во текот на работењето пред првостепениот суд, посочи Георгиев.

Во делот со состојба во правосудство, потенцираше дека е факт дека има голем број на предмети, а од друга страна, се намалува кадарот како судии. Во однос на дебалансот при кој влегуваат помал дел на судии како кадар од Академијата за судии и јавни обвинители, а од друга страна, цели генерации заминуваат во пензија, рече дека тоа е проблем кој требало многу претходно да се предвиди. Порача работната група која ќе работи на реформите, да го земе предвид ова и да најде соодветен начин за решавање на овој проблем. 

Изборот на судии во Апелациониот суд Скопје го нарече „рекордер“, земајќи предвид дека тој траеше две години, а ќе биде утврден денеска, кога во Судскиот совет ќе бидат избрани осум судии од пријавени околу 59 кандидати за кои рече дека се генерација на судии кои имаат стаж од 10-20 години и се веќе доволно искусни и квалитетни да бидат судии на повисоки судови. 

Според него, има надеж за нашето правосудство, бидејќи има ресурси, квалитети и правна култура. Проблемот, како што заклучува, „е што со години робуваме на некои несоодветни законски решенија“.

- Времето се движи, времето оди напред. Сакаме од една страна да ги следиме сите тие светски и општи системски вредности и нови времиња, од друга страна, имаме состојба кога робуваме на некои законски процедури кои што се од некое изминато време, рече Георгиев, кој потенцираше дека мора да се отвори прашањето за Законот за судови и да се направат реформи од практичари кои што ги спроведуваат реалните потреби. 

Ветингот во овој случај вели дека е природен.

- Добар дел од колегите заминуваат во пензија, од друга стана влегуваат кадри. Еве го новото судство и надеж дека можеме да имаме солидно судство во кое ќе имаме доверба, заклучи претседателот на Судски совет, Сашко Георгиев во интервјуто за МИА.

Во продолжение следува целото видео интервју со Георгиев:

Ангела Рајчевска

Фото: Фросина Насковиќ

Видео: Аслан Вишко

Остани поврзан