• понеделник, 23 декември 2024

Јовановиќ за МИА: Поддршката од Агенцијата за филм беше целосно несоодветна на димензијата на „Киненова“, на неговото значење во домашната и европската јавност

Јовановиќ за МИА: Поддршката од Агенцијата за филм беше целосно несоодветна на димензијата на „Киненова“, на неговото значење во домашната и европската јавност

Скопје, 2 ноември 2024 (МИА) - Поддршката од Агенцијата за филм во изминатите години беше целосно несоодветна на димензијата на „Киненова“, неговото значење во домашната и европската јавност. На последниот конкурс, финансиската поддршка беше дијаметрално спротивна на препораките на комисиите во Агенцијата. Вакво нешто не смее да се случува во иднина, инаку ќе ги загубиме сите можни мерила и критериуми и никогаш нема да може да се регулира дејноста. Всушност, ова се случува поради недостаток на критериуми и категоризација на домашните фестивали од соодветните институции, состојба која мора итно да се реши за да може да се постават здрави основи за лојална компетитивност меѓу фестивалите и нивна повисока професионализација, вели директорот на Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“, Небојша Јовановиќ во интервју за МИА.

Тој е на став дека поддршката од странските институции беше клучна за развојот на фестивалот и неговото меѓународно етаблирање.

- Финансирањето или поддршката од Агенцијата за филм на Македонија во изминатите години беше целосно несоодветна на димензијата на фестивалот, неговото значење во домашната и европската јавност, квалитетот на програмирањето и техничките стандарди, а особено на последниот конкурс, кога финансиската поддршка беше дијаметрално спротивна на препораките на комисиите во Агенцијата за филм, од кои комисии фестивалската програма на „Киненова“ за минатово издание за 2024та година ги доби највисоките поени, а доделените финансии беа помали дури и од многу помали настани кои дури не припаѓаат на филмската дејност, вели Јовановиќ за МИА.

Додава дека предизвик се и просторните услови. Се соочуваат, како што подвлекува, со комплетно девастирана кино култура во градот. Старите кина не работат, а постоечките се речиси вон функција. Исто така, предизвик е и да се пронајде и соодветен кадар кој ќе работи. Оваа година вклучени се и меѓународни професионалци.

- Не случајно фестивалот го реализиравме во кино Фросина во МКЦ. Тоа е сала со капацитет до 270 седишта. Можете да замислите за македонската премиера колку луѓе одбивме, затоа што немавме технички можности. Киното „Милениум“ технички е нефункционално и не ги задоволува стандардите. Оваа година го истражувавме градот, бидејќи фестивалот бара високи техничко просторни стандарди. Откривме еден прекрасен простор, тоа е Домот на културата „Билјана Беличанец“ во Кисела Вода, каде што се наоѓа киното Киноверзум, рече Јовановиќ.

Според Јовановиќ, она што јавноста го гледа сите овие години во рамките на „Киненова“ е резултат на макотрпна и долготрајна работа од мал и посветен тим. 

- Верувам дека квалитетот ќе биде валоризиран од страна на институциите, бидејќи даваме придонес во целата филмска дејност, во подигање на квалитетот на филмското образование, но и на промоцијата на македонскиот филм, вели Јовановиќ.

Официјалното отворање на деветтото издание на фестивалот „Киненова“ се случи на 15 октомври, со премиера на првиот македонски анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ на Гоце Цветановски. Премиерата на овој филм, според Јовановиќ, е историски момент за македонската кинематографија, затоа што се работи за прв македонски долгометражен анимиран игран филм. Со ова, вели Јовановиќ, „Киненова“ успеа да ја истакне важноста на македонската кинематографија.

- Ние подолго време зборувавме за овој филм. Јас лично подолго време го знам Гоце и знам за идејата за филмот, така што лично го очекував. Ја подготвувавме премиерата со многу голема возбуда и задоволство, особено затоа што се работи за историски момент за македонската кинематографија. Ова е прв македонски долгометражен игран филм. Македонија има долга историја на продукција на анимирани филмови во бившите југословенски простори. Имаме многу мајстори на анимиран филм, но имаме и нова генерација на аниматори кои работат на краткометражни анимирани филмови, вели Јовановиќ.

Како што појаснува, „Јон Вардар против Галаксијата“ е прв долгометражен анимиран филм, кој што исто така е и најголемиот ко-продукциски проект за анимиран филм на Балканот. Проектот е работен како копродукција, во која што учествуваат и професионалци од повеќе земји.

Светската премиера на филмот „Јон Вардар против Галаксијата“ се одржа на 5 октомври, во рамки на „Ситџес фантастик филм фестивал” – еден од најстарите и најзначајни жанровски фестивали во светот и таму доживеа огромен успех.

- Филмот имаше две проекции на овој фестивал. Учествуваше во натпреварувачката програма и ова е голем успех за македонската кинематографија, како и за перцепцијата дека и во Македонија може да се изработи високо квалитетен продукт во идејна, драматуршка, техничка и во креативна смисла. Чест ми е што бевме дел од овој историски настан, појаснува Јовановиќ за МИА.

На програмата на фестивалот, што се одржа до 20 октомври, беа прикажани субверзивни и дефинитивно непознати филмски приказни. Публиката имаше можност да види шест филма во главната програма од Израел, Хрватска, Грција, Иран, Црна Гора и од Северна Македонија, а за првпат во нашата земја беше претставена и финската кинематографија.

Јовановиќ вели дека програмата се подготвува во текот на целата година и дека станува збор за долг и креативен процес на созревање на сите идеи и концепти.

- Дел од филмовите не можеме да ги договориме толку рано, некои работи се прават и во последен момент, поточно два до три месеци пред почетокот на самиот фестивал. Меѓутоа, програмата е јасно определена идентитетски. Ние пред се, промовираме и откриваме нови авторски имиња во светот на филмот и нови авторски гласови. Тоа значи дека во текот на годината сме присутни на многу меѓународни филмски фестивали, каде што откриваме проекти во фазите на развој, вели Јовановиќ. 

Како што додава, потребно е да биде прв, втор или трет филм на режисерот, но и да обработува интересна и важна тема. - Секако, важен е филмскиот јазик и изразот на режисерот. Исто така, имаме и голем број на пријавени филмови. Долго време се работи на програмата и се одлучуваме согласно квалитетот на филмовите, вели Јовановиќ.

На фестивалот оваа година исто така можеше да се проследи и творештвото на лауреатот Улрих Зајдл, преку филмовите од неговата филмска трилогија „Рај“. Според Јовановиќ, фестивалот доживеал кулминација токму со проекциите на филмовите на Зајдл.

- Моја лична почит за австрискиот автор, големиот мајстор на подвижните слики и еден од ретките најзначајните независни филмски автори во Европа, Улрих Зајдл. Се работи за автор кој има особен пристап при правењето на неговите дела. Првата фаза во неговата кариера е посветена на документаристиката. Тој пронаоѓа свој начин на работа, свои форми на изразување, каде што ги комбинира јазикот на документарниот филм и играниот. Ние му ја доделивме наградата за животно дело, за особен придонес во филмската уметност, додаде Јовановиќ. 

Во рамки на фестивалот се одржаа проекции и на два филма од финските автори, кои во последниве години освоија значајни награди и го освоија вниманието на светските фестивали - „Девојки“ и „Караоке рај“.

- Финската кинематографија е позната секако по еден голем мајстор на филмската уметност, нашироко познат во светот - Аки Каурисмаки, за кого мислам дека филмската јавност во Македонија го знаат по неговиот специфичен и луциден хумор. Овие два филма обработуваат теми кои што се навистина важни и реално отсликуваат некаков сегмент во општественото живеење. „Караоке рај“ говори за отуѓеноста во финското општество, за осаменоста во поодминатите години и недоволната социјализација. Ова е документарен филм, кој што зборува за пракса во последните години да се организираат караоке шоуа на различни локации, додава Јовановиќ за МИА.

Гран при наградата на „Киненова“ оваа година отиде во рацете на грчката режисерка Ева Натена за филмот „Жена-убиец“. 

Јовановиќ за МИА вели дека филмот „Жена-убиец“ обработува тема која што се уште е контраверзна и шокантна. Говори за чедоморство кое што се случува во Грција, од средината на 19 век, се до почетокот на втората половина на 20 век.

- Филмот се базира на реални настани, на пракса на убивање на женски деца заради едно обичајно правило, кое во тој период функционира како закон во денешно време - Законот за мираз. Тој ги обврзува родителите на женските деца при засновање на брак, да го даруваат семејството на мажот со значајни подароци. Ова изискувало сериозни финансии и материјална поткрепа, нешто што во тоа време луѓето го немале во руралните средини. Филмот ги открива овие детали преку антагонист - жена која ја презема на себе обврската да ги убива женските деца и на тој начин да им „помогне“ да не го живеат тој лош живот, појаснува Јовановиќ.

Следната година „Киненова“ ќе го одбележува своето десетто издание. Јовановиќ во интервјуто за МИА најави дека во рамки на големиот јубилеј, ќе следува возбудливо издание, со големи промени и амбиции.

- Во однос на десеттото издание, сакам кратко да кажам дека следува навистина возбудливо издание, следуваат големи промени, имаме големи амбиции. Фестивалот ќе добие и дополнителни локации. Малку се наѕира програмата, јавноста може да очекува многу значајни имиња од светот на филмот и многу интересни содржини. Верувам дека ќе причиниме голема радост не само на филмофилите, туку на целата јавност, вели Јовановиќ за МИА.

Во продолжение следува видео интервјуто со директорот на Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“ Небојша Јовановиќ.

Бисера Трајковска

Фото: Дарко Попов

Видео: Аслан Вишко

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан