• четврток, 26 декември 2024

Иницијатива 8 и Преспа форум дијалог - брендови на надворешната политика на државава

Иницијатива 8 и Преспа форум дијалог - брендови на надворешната политика на државава
Скопје, 4 јануари 2020 (МИА) - Шефот на дипломатијата Бујар Османи денеска на прес-конференција, прва годинава, ги претстави двете иницијативи во надворешната политика – Иницијатива 8 и Преспа форум дијалог, кои, како што рече, ќе станат своевиден бренд на надворешната политика на државава. - Вчера преку писмото што го испратив до моите колешки, министерката за надворешни работи на Бугарија Екатерина Захариева и на Албанија Олта Џачка, иницирав политичка трилатерална иницијатива наречена Иницијатива 8, со цел да се зајакне политичката, економската, безбедносната, општествената и културната соработка меѓу нашите три држави на оската Исток-Запад, односно како надградба на напорите за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 што го поврзува Црното Море со Јадранското Море, рече Османи. Тој нагласи дека тоа се совпаѓа со неговите приоритети како министер кога го презел мандатот, а тоа се добрососедските односи и регионалната соработка. Османи исто така детално ја претстави иницијативата Преспа форум дијалог, којашто првично беше претставена во јули минатата година, чија цел, посочи, е да прерасне во своевиден политички бренд со кој ќе се препознае нашата држава на меѓународен план. - Иницијативата Преспа форум дијалог - платформа наменета да ги заштити, промовира и канализира придобивките и значењето на трите политички договори - Охридскиот рамковен договор, Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија и Договорот од Преспа, кои иако во актуелностите се обременети со бројни предизвици, сепак остануваат автентична рамка преку која се адресираат отворените прашања, преку која се разговара за разликите, рамка што овозможува пристоен начин за изнаоѓање на компромиси и решенија, истакна Османи. Шефот на дипломатијата посочи дека политичката тежина на трите договори ни дава можност, но и обврска да отвориме интелектуална и политичка дебата од која би можеле да произлезат идеи, практични решенија и јасни одговори на отворените прашања од регионален и глобален карактер. - Тоа на некој начин е и нашиот автентичен придонес кон безбедноста, стабилноста и политичката соработка во регионот, но и одлична можност да го зајакнеме авторитетот на самите договори, да ја засилиме нивната улога како и да обезбедиме нивна соодветна примена во справување со актуелните современи предизвици, рече Османи. Тој додаде дека целта на Преспа форум дијалогот, исто така, е да стане платформа или место за градење на мостови, култура на пријателство и доверба, за помирување меѓу народите, взаемно разбирање и соработка, зближување и надминување на стереотипите. - Место за формални и неформални средби на државници, политички лидери, видни истакнати поединци од академската, бизнис и медиумската средина, претставници на граѓанското општество, со фокус на младинските организации од регионот на Југоисточна Европа, но и поширока меѓународна заедница на кој ќе се дискутира и ќе се разменуваат мислења, искуства идеи и ќе се нудат решенија за актуелни прашања и процеси од регионална и глобална природа, платформа за претставување на внатрешните и надворешните постигнувања на Северна Македонија споделување на нашите искуства и предизвици во спроведување на трите договори, но и искуствата на трите држави од регионот и пошироко во имплементацијата на најважните билатерални и регионални договори и придонесот во промоцијата и практичната примена на европските вредности, научените лекции во однос на помирувањето помеѓу народите и државите, нови форми на соработка итн., истакна тој. Османи информира дека во рамки на Преспа форумот за дијалог ќе бидат организирани помали настани во текот на целата година, додека главниот настан на годишно ниво ќе биде во форма на меѓународна конференција и на кој ќе бидат поканети политички претставници на највисоко ниво - шефови на држави или влади, политичари и високи дипломати од регионот... - Со одлуката на Владата за осмислување, реализација и имплементација на иницијативата Преспа форум, задолжено е да раководи Министертството за надворешни работи, за што веќе се направени сите подготовки со цел одржување на првата конференција во јуни 2021 година во Охрид, што се совпаѓа со годишнината од потпишувањето на Договорот од Преспа, за потоа, како ќе се создадат условите за изградба на мултимедијалниот центар во Преспа, овој бренд на нашата надворешна политика да се префрли и да се одржи во Преспа, додаде шефот на дипломатијата. нд/сп/

Остани поврзан