• вторник, 24 декември 2024

Илјадници граѓани на местото на трагедијата палат свеќи, тројцата повредени се уште во критична состојба

Илјадници граѓани на местото на трагедијата палат свеќи, тројцата повредени се уште во критична состојба

Белград, 2 ноември 2024 (МИА) - Во Нови Сад денеска почна тридневна жалост поради несреќата во која загинаа четиринаесет лица, а тројца се тешко повредени кога врз нив се урна бетонската настрешница на Железничката станица. Тројца од повредените кои се во УКЦ Војводина се уште се во критична состојба, јави дописникот на МИА од Белград.

Вечерва спроти Железничката станица во Нови Сад илјадници граѓани палеа свеќи и оставаа цвеќиња и играчки, како и во текот на целиот ден. Насобраните држат транспаренти со имињата на 14-те загинати во несреќата. Свеќи беа запалени и на плоштадот Слобода.

Директорката на Клиничкиот центар на Војводина Весна Туркулов денеска изјави дека тројцата повредени во несреќата пред зградата на железничката станица во Нови Сад, според последните информации, се во тешка состојба, дека се во бессознание, сите се на машини за вештачко дишење и се витално загрозени.

Туркулов рече дека денеска се направени нови операции на тројцата спасени пациенти и дека во тек е дополнителна дијагностика.

- Сите се во многу тешка состојба и се хируршки третирани. Неблагодарно е да се даваат предвидувања. Станува збор за сериозни повреди опасни по живот, така што исходот е навистина неизвесен. Сите се млади луѓе, изјави директорката на Клиничкиот центар во Војводина.

Туркулов повтори дека станува збор за сериозни повреди со нагмечувања на внатрешните органи.

- Постојано се праќаат на дополнителна дијагностика, на скенери, каде се забележува некое ново внатрешно крварење, за дополнително да се лекуваат внатрешните повреди, нагласи таа.

Во несреќата спасени се три лица, две жени на возраст од 23 и 21 година, кои неколку часа по уривањето на конструкцијата беа извлечени од под урнатините и 18-годишно момче на кое му беше ампутирана ногата. об/паг/

Фото: ЕПА

Остани поврзан