• вторник, 24 декември 2024

ИЛГА-Европа: Минатата година беше најнасилната година за ЛГБТИ-заедницата во изминатата декада

ИЛГА-Европа: Минатата година беше најнасилната година за ЛГБТИ-заедницата во изминатата декада

Брисел, 20 февруари 2023 (МИА) - Водечката европска организација која се занимава со еднаквоста на ЛГБТИ-лицата - ИЛГА-Европа, во својот извештај за состојбата на нивните права, укажува на феноменот на растечки говор на омраза кон оваа заедница во Европа и Централна Азија, наведувајќи дека 2022 година била најмногу насилна година во изминатите десет години.

- Насилството станува сè повеќе планирано и смртоносно, што ги прави ЛГБТИ-луѓето да се чувствуваат небезбедно во земјите низ Европа, рече извршната директорка на ИЛГА-Европа Евелин Паради.

Во својот годишен преглед на состојбата со човековите права на ЛГБТИ-луѓето во Европа и Централна Азија, оваа организација укажува дека 2022 година беше најнасилната година за ЛГБТИ-луѓето во изминатата деценија, и преку планирани, жестоки напади, но и преку самоубиства по порастот и широко распространетиот говор на омраза од политичарите, верските водачи, десничарските организации и медиумските експерти.

Ова е 12-то издание на извештајот на ИЛГА-Европа, кој го покажува растечкиот феномен на анти ЛГБТИ-говорот, како и фактот дека антипатијата кон ЛГБТИ-луѓето се поттикнува и потоа се користи за политички цели. Во извештајот се наведува дека како резултат на сето ова се нападите врз ЛГБТИ-лица со свесна и намерна волја да убијат и повредат се искачија на невидено ниво, а како пример се посочени два терористички напади пред ЛГБТИ-баровите во Норвешка и Словачка, во кои вкупно загинаа четири лица, а беа повредени 22. Исто така, има извештаи за повеќекратни убиства и многу самоубиства на ЛГБТИ-лица низ цела Европа, а не само во земјите кои се сметаат за порегресивни, велат од оваа организација.

Како што рече извршната директорка на ИЛГА-Европа, Евелин Паради, оваа организација со години укажува дека говорот на омраза во сите негови форми се претвора во вистинско физичко насилство.

- Оваа година видовме дека насилството станува сè повеќе планирано и смртоносно, правејќи ги ЛГБТИ-луѓето да се чувствуваат небезбедно во земјите во Европа. Видовме докази дека говорот на омраза против ЛГБТИ-лица не е присутен само кај маргиналните лидери или потенцијалните автократи, туку е вистински проблем, со страшни последици за луѓето и заедниците. Овој феномен не е карактеристичен само за земјите каде што говорот на омраза е широко распространет, туку и за земјите за кои се верува дека прогресивно ги прифаќаат ЛГБТИ-луѓето, изјави таа.

Во извештајот се наведува дека, иако говорот на омраза и неговите последици достигнаа критични нивоа, националните и локалните судови реагираат, а кривичните прогонства се во пораст во неколку земји. Но, според Евелин Паради, реакцијата не е доволна.

- Додека стануваме подобри во соочувањето со исходите, фокусот мора да биде на запирање на говорот на омраза во сите негови форми. Во Европа, многу политичари реагираа со ужас на убиствата на ЛГБТИ-луѓето оваа година, и иако секогаш се потребни јасни изрази на солидарност, тие не се занимаваат со коренот на проблемот, а тоа е зголеменото користење на омразата кон ЛГБТИ-луѓето во политички цели и за политички поени. Нашите лидери треба да најдат начини за проактивна борба против порастот на говорот на омраза, наместо да бидат во позиција да реагираат на неговите последици, нагласи таа.

Сепак, оваа организација наведува дека не се сите вести лоши. Како што се посочува во извештајот, постигнат е голем напредок во неколку земји, а активистите и ЛГБТИ-заедниците поттикнаа позитивни општествени промени и успеаја да ја подобрат правната заштита, и покрај организираното противење.

- ЛГБТИ-активистите се централни играчи во земјите каде што е постигнат напредок, како што видовме во Шпанија и Финска, каде што се направени големи напори за законски да се овозможи самоопределување на родот, што е на добар пат, и покрај жестокото противење. Ова важи за секое прашање што ги засега ЛГБТИ-заедниците низ целиот регион, што покажува дека ЛГБТИ-луѓето и организациите остануваат силни и продолжуваат да прават промени, рече Катрин Хугендубел, директорка за јавна политика во ИЛГА-Европа.

Евелин Паради вели дека извештаите раскажуваат приказна за причината и последицата што нема да исчезнат или да се намалат додека политичарите и креаторите на политики не сфатат дека треба да го решат проблемот.

- Во сегашната клима, прогресивните лидери мора да најдат ефективни начини да се спротивстават на говорот на омраза во сите негови форми, наместо да стојат во ќош, да им пружат сочувство на семејствата на непотребно убиените или оние кои си ги одзеле животите, додека омразата продолжува да се негува и експлоатира“, заклучи таа. ссм/

Остани поврзан