• сабота, 23 ноември 2024

Израел ќе спроведе истрага за смртоносниот воздушен напад на Рафа

Израел ќе спроведе истрага за смртоносниот воздушен напад на Рафа

Тел Авив, 27 мај 2024 (МИА) - Израелската војска најави истрага поради нападот на Рафа, град на југот на Појасот Газа, во кој загинаа повеќе од 40 цивили.

Главната израелска воена обвинителка Јифат Томар Јерушалми го опиша нападот како „многу тежок“ и изјави дека деталите сè уште се под истрага. Таа изрази жалење за смртта на цивилите и увери дека се целосно посветени на истражување на сите околности.

Нападот, кој се случи во областа Тел Султан во Рафа, бил насочен кон двајца високи претставници на Хамас. Израелската армија изјави дека нападот бил извршен врз основа на „разузнавачки информации за присуство на терористи“. Сепак, снимките од теренот покажуваат дека е погодена импровизирана шаторска населба, каде што загинаа 45 лица, претежно раселени цивили.

Жителите на Газа велат дека нападот предизвикал голем пожар во област полна со раселени жители кои избегале од конфликтот во другите делови на Газа и живеат во шатори и импровизирани засолништа.

Израелската војска објави дека пред нападот презела мерки за намалување на цивилните жртви, вклучувајќи воздушно надгледување, користење прецизно наведувана муниција и дополнителни разузнавачки информации. 

Специјалниот пратеник на ОН за Блискиот Исток, Том Венесланд, побара целосна и транспарентна истрага за нападот, осудувајќи го Израел за нападот и барајќи итни мерки за подобра заштита на цивилите.

Во воздушен напад врз областа Тел Султан во западниот дел на Рафа, убиен е командантот на штабот на Хамас на Западниот Брег, обвинет за планирање напади врз Израел. Во нападот е убиен и припадник на неговата единица, соопшти израелската војска. ссм/

фото: ДПА

Остани поврзан