• четврток, 09 октомври 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Израел и Хамас со посредници ќе преговараат во Катар за ставање крај на војната во Газа

Израел и Хамас со посредници ќе преговараат во Катар за ставање крај на војната во Газа

Газа, 6 јули 2025 (МИА) - Нова рунда посредни преговори меѓу Израел и Хамас ќе започне денеска во Катар, во обид да се постигне прекин на огнот и ослободување на заложниците од Газа, потврдија израелски и палeстински извори.

Новата рунда преговори ќе се одржи во Доха, а таму веќе е пристигната делегација на палестинското исламистичко движење Хамас.

Медиумите во Израел попладнево објавија дека и израелската делегација е на пат кон Доха.

Преговорите ќе се фокусираат на условите на евентуалниот договор за прекин на огнот, особено ослободувањето на заложниците на Хамас во Газа и палестинските затвореници во Израел.

Хамас, исто така, сака да се зголемат испораките на хуманитарна помош во Појасот Газа, како и гаранции за „траен крај на војната“.

За да се овозможи евакуација на повредените, Хамас бара и повторно отворање на преминот Рафа, на границата меѓу Појасот Газа и Египет, кој е под израелска контрола од мај 2024 година.

Портпаролот на Хамас, Џихад Таха, денеска ги повика сите палестински политички групи да работат на тоа Газа да стане „целосно палестинска во иднина“, спротивставувајќи се на какво било идно влијание од страна на Израел или меѓународната заедница на територијата.

Според палестински извори блиски до преговорите, предлогот доставен од медијаторите до Хамас вклучува 60-дневен прекин на огнот, за време на кој Хамас ќе ослободи 10 заложници и ќе предаде тела на мртви заложници во замена за ослободување на Палестинци од израелските затвори.

Во петокот, Хамас објави дека е подготвен веднаш да учествува во преговорите за предлогот за прекин на огнот даден од САД, а достаевн до нив преку катарските и египетските медијатори. Хамас соопшти дека одговорил на предлогот, но не даде детали.

Ден потоа, канцеларијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху објави дека е информирана за промените што Хамас сака да ги направи во предлогот и дека ги смета за „неприфатливи“, но дека „по проценката на ситуацијата“ сепак испраќа делегација со „инструкции за тоа како да се одговори... врз основа на катарскиот предлог што Израел го прифати“.

Нетанјаху утре во Белета куќа во Вашингтон треба да се сретне со иницијаторот на мировното решение за Газа, американскиот претседател Доналд Трамп.

Во меѓувреме во Израел се одржуваат протести на кои се бара да се обезбеди траен прекин на огнот и враќање на педесетината заложници кои сè уште се држат во Газа.са/

Фото: ЕПА

Остани поврзан