• четврток, 17 октомври 2024

Израел дозволи влез на 50 камиони со хуманитарна помош во северниот дел на Појасот Газа

Израел дозволи влез на 50 камиони со хуманитарна помош во северниот дел на Појасот Газа

Тел Авив, 16 октомври 2024 (МИА) - Израелската армија денеска соопшти дека дозволила влез на 50 камиони со хуманитарна помош во северниот дел на Појасот Газа, откако САД го предупредија Израел да ја зголеми помошта за енклавата или ризикува да го загрози снабдувањето со американско оружје.

Помошта е доставена преку граничниот премин Ерез во Израел, а се состои од храна, вода, медицински материјали и опрема за засолништа.

Според Светската програма за храна во северниот дел на Појасот Газа во првите две недели од месецот не беше доставувана храна, бидејќи Израел почна уште една голема воена операција.

Северниот дел на Појасот Газа беше прва мета на израелската офанзива по нападот од Хамас на 7 октомври 2023 година врз јужен Израел.

Израел од 14 октомври повторно дозволи испорака на храна откако американскиот секретар Ентони Блинкен и министерот за одбрана Лојд Остин ден претходно го предупредија Израел дека Израел има 30 дена да го зголеми бројот на камиони со помош што влегуваат во Газа на 350 дневно или САД ќе размислат дали сè уште ќе испорачува оружје.

САД од почетокот на војната во Појасот Газа потрошиле рекордни 17,9 милијарди долари за воена помош за Израел. ми/

фото: МИА архива

Остани поврзан