• вторник, 24 декември 2024

Изложба „Низ лавиринтот на ромската историја - 5-те соби“: Лекциите од Втората светска војна остануваат ненаучени

Изложба „Низ лавиринтот на ромската историја - 5-те соби“: Лекциите од Втората светска војна остануваат ненаучени
Скопје, 3 август 2022 (МИА) - Лекциите од Втората светска војна за жал, остануваат ненаучени кога станува збор за Ромите. Ние уште се соочуваме со дискриминација, антициганизам и говор на омраза. Предрасудите и стереотипите поврзани со нашата етничка припадност остануваат примарна пречка на нашите напори за еднаков третман во остварување на нашите основни права и обврски, истакна Елвис Шаќири од Институтот за истражување и анализа на политики „Ромалитико“ во своето обраќање на изложбениот перформанс „Низ лавиринтот на ромската историја - 5-те соби“. Оваа изложба е организирана од Здружението ромски деловен информативен центар на Македонија – ЗРДИЦМ и Мрежата за системски и трајни решенија, а под покровителство на Агенцијата за остварување на правата на заедниците во земјава. Изложбата се одржа во Меморијален центар на холокаустот на Евреите од Македонија, по повод одбележувањето на Денот на ромскиот холокауст - 2 Август. Според Шаќири, историската одговорност за барање на вистината, како и препознавањето на она што им е направено на Ромите, владите многу ретко ја преземаат. - На 2 август во 1944 година над 4.300 Роми беа убиени во концетрациониот логор Аушвиц. Оваа трагедија не била настан во далечното минато. Овој настан бил само кулминација на континуираното угнетување кое за жал се случува до денешен ден, некаде со стари, некаде со нови форми. Холокаустот не започнал ниту завршил со Втората светска војна, туку имал длабоки историски корени и неговите наследства се уште се чувствуваат, рече Шаќири. Нашата земја, како што напомена, се соочува со вистински предизвик да одговори на подемот на антициганизмот, говорот на омразата и дискриминација. - На социјалните мрежи Ромите се секојдневна мета на закани за убиства истребување, па дури и оправдување за тоа што им се случило за време на Втората светска војна и поттикнување дека истото треба да се случи повторно, додаде Шаќири. Напомена оти е потребно итно подигнување на свеста за Холокаустот врз Ромите и преземање на мерки за да не се повтори. Како што рече, потребно ни е признавање, сеќавање и комеморација за ромскиот Холокауст, за да учиме за иднината со сеќавање во минатото, и треба да дејстуваме во сегашноста за да го спречиме минатото да не се повтори во иднина. Државниот секретар при Министерството за правда, Мухамет Точи во своето обраќање потсети дека во времето на Втората светска војна од 1941 до 1945 година, во времето на Холокаустот, според досегашните проценки, убиени се од 200 до 500 илјади Роми. - Само ноќта меѓу 2 и 3 август во 1944 година во гасната комора во логорот Аушвиц биле убиени над три илјади Роми. Ден кој ние го нарекуваме пеколен ден. Денот на сеќавањето треба да не потсети на жртвите и тоа да биде ден кога никогаш не смее да се повтори, ден кој ќе не потсетува дека не треба да се омаловажуваме, да се угнетуваме и ден кој треба да не направи свесни за себе почитување и почитување на другите, додаде Точи. Тој потенцираше дека прифаќањето на различностите е доблест и потреба. Токму заради тоа ги повика сите да ја разберат потребата и да бидат доблесни да ја прифатат различноста, за заедничко општество да се гради со љубов и почит кон другите. - Денес ги повторуваме лекциите од минатото за уште посилно да си го осветлиме патоказот за иднината која заеднички треба да ја избереме, да ја градиме. Поучени од ваквиот момент, од ваквото минато, омразата не е и не може да биде наш избор. Владеењето на правото мораме да го направиме достапно за сите, вклучително и за нас Ромите. Само единството, почитувањето и соработката може да даде плод за добро на секој од нас, појасни Точи. Директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Еран Куртиш во обраќањето на изложбениот перформанс информираше дека веќе втора година по ред како Агенција успеале преку Собранието да одвојат мал буџет за поддршка на невладините организации при креирање на настани кои се од огромно значење за помалку бројните заедници. Потврди дека и во наредниот период ќе продолжат со вакви активности, со пружање на поддршка за помалку бројните заедници. Советникот во Кабинетот на претседателот на Владата, Елвис Мемети, информираше дека покрај тоа што со одлука на Владата, 2 Август во државата се одбележува како Денот на геноцидот врз Ромите од Втората светска војна, исто така оваа година Владата ја усвои и рамката на Меѓународната алијанса за сеќавање на холокаустот. бт/нд/    

Остани поврзан