• недела, 28 јули 2024

Изложба на илустрации од „Литера“ во Пазин, Хрватска

Изложба на илустрации од „Литера“ во Пазин, Хрватска
Скопје, 13 септември 2022 (МИА) - Интернационалниот фестивал за литература и илустрација за деца „Литера“ вечер организира изложба на четворица македонски илустратори, која ќе биде отворена во 19 часот во Галеријата на ликовните уметници во Пазин, Хрватска. Како што информираат од „Литера“, ќе бидат изложени илустрации за деца на авторите Кристијан Јованоски, Наташа Андонова, Инес Ефремова и Надица Златкова, во рамки на програмата на 7. Меѓународниот фестивал на сликовница „Овца во кутија“. За делата ќе зборува Софија Семенпеева- Трајановска, основач на фестивалот, а на публиката ќе и се претстави и илустраторот Кристијан Јованоски. Избраните илустратори твореа на тема „Дом без граници“, што е всушност тема на годинашното издание на „Литера“. Оттаму велат оти слоганот потсетува дека домот не познава граници, дека го носиме со нас насекаде и дека можеме да го отвориме ширум за сите, велат организаторите: - Домот е во срцето, во сјајот на детските очи, во слободата. Слободата е еднаква на фантазија. Фантазијата и нејзината волшебна моќ не‘ носат во возбудливиот и смел колорит на илустрацијата. Илустраторите, како и децата, веруваат во волшебни светови во кои домот е во секој од нас, се наведува во најавата за изложбата. Пазин е значаен културен центар во срцето на Истра. На фестивалот „Овца во кутија“ доаѓаат најзначајните писатели, илустратори, издавачи и книжевни агенти од регионот. Претставниците на фестивалот „Литера“ в среда ќе учествуваат и на тркалезна маса на тема „Зошто да се читаат сликовници?“ што ќе се одржи во стариот замок во градот. Фестивалот „Литера“ го организира Центарот за визуелна комуникација „Ефектива“. Организирањето на изложбата го помага Халкбанк АД Скопје, а е поддржано и од Министерството за култура.фф/са/

Остани поврзан