Изложба „Делчево низ времето“: Сведоштва од едно заборавено Царево село
- Во холот на Јавната локална библиотека „Илинден“ во Делчево денеска беше отворена изложбата насловена „Делчево низ времето“. Изложбата е посветена на историјата на некогашното Царево Село, прикажано преку стари и досега необјавени фотографии и документи.

Делчево, 16 јули 2025 (МИА) – Во холот на Јавната локална библиотека „Илинден“ во Делчево денеска беше отворена изложбата насловена „Делчево низ времето“. Изложбата е посветена на историјата на некогашното Царево Село, прикажано преку стари и досега необјавени фотографии и документи.
На изложбата се презентирани осум автентични фотографии, стари повеќе од еден век, кои првпат ѝ се прикажуваат на јавноста. Фотографиите прикажуваат животни сцени, луѓе, улици и објекти од минатото на Делчево, а секоја од нив е проследена со краток опис за времето и местото на настанување.
Посебна вредност ѝ даваат и оригинални извадоци од весници од 1921 година, во кои се спомнува Царево село, како и интересни стории кои сведочат за неговото значење и постоење.
– Преку оваа изложба сакаме да го оживееме споменот за нашето Делчево. Во време кога негираат дека постоиме како народ, ние им го покажуваме нашето минато – преку документи, фотографии, весници и преку гласот на нашите предци. Тоа зборува погласно од секое негирање. Ние постоиме – со докази, со спомени и со гордост, порача Билјана Петровска, директорка на Библиотеката.
ЈЛБ „Илинден“ изрази голема благодарност до Мартин Димоски, кој ги донираше материјалите за трајно чување во библиотеката и овозможи тие да бидат достапни за јавноста.
Изложбата останува отворена за посетители во текот на наредните денови, а од Библиотеката ги повикуваат сите љубопитни граѓани и читатели да ја разгледаат поставката и да се потсетат на едно време за кое малку се зборува, но многу значи. вс/хс/
Фото: МИА