• петок, 05 декември 2025

Извештајот за работата на Комисијата за хартии од вредност го помина комисискиот филтер

Извештајот за работата на Комисијата за хартии од вредност го помина комисискиот филтер

Скопје, 16 јуни 2025 (МИА) - Извештајот за работата на Комисијата за хартии од вредност на Република Северна Македонија во 2024 година денеска помина на Комисијата за финансирање и буџет. 

Комисионерот Кирил Јовановски образложувајќи го Извештајот, посочи дека освен унапредувањето на институционалните перформанси, овозможиле и понатамошен развој и стабилност на пазарот на капитал, а како резултат на сето тоа, продолжило во континуитет да се зголемува довербата на јавноста, во институциите на пазарот на капитал.

-Би сакал да го издвојам и нашиот придонес во усогласувањето на домашното законодатвство со ЕУ регулативата со пазарот на капитал. Во тој поглед, во 2024 година, Комисијата за хартии од вредност со целокупниот свој кадровски потенцијал, интензивно работеше на подготовка на подзаконската регулатива која произлегува од два нови реформски закони, од областа на пазарот на капитал, а тоа се Законот за финансиски инструменти и на Законот за проспект и обврски за транспарентност на издавачите на хартии од вредност, кои насокоро почнуваат со примена. Во 2024 година, Комисијата усвои вкупно 31 подзаконски акт, и тоа 24 кои произлегуваат од Законот за финансиски инструменти, додека останатите 7 произлегуваат од Законот за проспект и обврски за транспарентност на издавачите со хартии од вредност, рече Јовановски.

Тој додаде дека остварениот финансиски резултат на Комисијата во деловната 2024 година е позитивен, со остварена добивка од повеќе од 13 ипол милиони денари.

Во рамки на денешната седница, на дневен ред беше и Фискална стратегија на Република Северна Македонија за 2026 - 2030 година, во второ читање.

Заменик министер за финансии Николче Јанкуловски, образложи дека фискалната стратегија ги содржи среднорочните насоки и цели на фискалната политика, основните макро економски проекции, износите за главните категории, проценети приходи и расходи, како и проекциите за буџетскиот дефицит и долгот.

Како што рече, клучните елементи на фискалната политика во наредниот период ќе бидат фискална консолидација, преземање на мерки со цел да се обезбеди фискална одржливост на среднорочен период, дисциплина во управувањето со јавните средства, фискална дисциплина, намалување на сивата економија и поголема наплата на средства во буџетот на државата и општините, поддршка на економијата, континуирана поддршка за економски раст преку инвестиции во инфраструктурни проекти, со што, напомена, ќе се создадат услови за раст на бизнисите и создавање на нови работни места.

Исто така, Јанкуловски рече дека ќе се создаде и редизајнирање на структурата на јавните финансии, одржување на високо ниво на капитални расходи за постигнување на планираниот економски раст, засилена транспарентност и отчетност, зголемена транспарентност и отчетност во јавните финансии, со што ќе се унапреди ефикасноста на буџетските расходи.

-Во периодот 2026-2030 година, даночната политика ќе биде во насока на обезбедување на одржлив економски раст и развој, притоа обезбедувајќи правна сигурност за даночните обврзници и редовна наплата на јавните приходи. Расходната страна на буџетот на Република Македонија за наредниот период е целосно усогласена со стратешките приоритети на државата, кои вклучуваат поттикнување на економски раст, стабилни јавни финансии, подобрена јавна инфраструктура и подобар животен стандард на граѓаните. На среден род, со фискалната политика се предвидува етапна фискална консолидација, рече заменик министерот.

Претседателката на Комисија за финансирање и буџет Сања Лукаревска во својата реплика посочи дека и оваа година намерно ќе се прегази членот 10, тоа се фискалните правила од точка 2 од Законот за буџети, со проектиран поголем буџетски дефицит од законски пропишаното. 

Во реалноста, како што рече, тоа значи дека ќе се оддолжи фискалната консолидација дури до 2029 година, затоа што како што се предвидува понизок буџетски дефицит од максимално дозволениот.

-Фискалната консолидација е премногу бавна, и ваквата погрешно поставена фискална политика соодветно ќе прави штета на македонската економија, бидејќи го одржува јавниот долг на високо ниво и ја принудува државата да се финансира со високи каматни стапки на меѓународниот пазар на капитал. Фактот дека буџетските приходи паѓаат на среден рок, тоа укажува дека не се очекуваат никакви ефекти од борбата со сивата економија, ќе стагнира дури и бројот на културни манифестации, рече Лукаревска.

Заменик министерот за финансии во контра реплика напомена дека сивата економија максимално ке биде намалена.

-Владата она што го испланирала во програмата 2024-2028 ќе го испорача. После она буџетско џунами кое што го затекнавме минатата година и во колкав износ изнесуваа буџетските деифицити и големина на јавен долг, Владата максимално и посветено пристапи кон решавање на фискалниот проблем, односно пристапи веднаш кон сериозна фискална консолидација, кратење на непродуктивни трошоци. Сивата економија максимално ке биде намалена и тоа е она што впрочем го гледаме во поразвиените земји, од каде го земаме примерот и ке го имплеметираме тука, додаде Јанкуловски.

Пратеникот Бојан Стојановски во својата реплика, од аспект на прекршување на фискалното правило, потенцираше дека Законот за буџети беше донесен во претходниот мандат со консензус.

-Од аспект на прекршување на фискалното правило, Законот за буџети беше донесен во претходниот мандат и таму за првпат воведе две фискални правила и го донесовме тој Закон со консензус. На оваа Комисија имаше 120 амандмани, кои беа прифатени. Точно е дека ќе се надмине јавниот долг, но треба да се каже и зошто сметам дека тоа е фер. Не може вие да кажете дека се прекрши фискалното правило за наредните три до четири години, кога ниту еден од тие така наречени долгови кои ги презела Владата, нема да генерираат обврска за нивно враќање во наредните три до четири години. Тоа практично значи дека точно, тој процент ќе биде надминат заради тоа што ќе се враќаат долговите, кои биле земени во некое минато време, додаде Стојановски. бт/ац/

Фото: Принтскрин

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан