• четврток, 07 ноември 2024

Зоран Љутков ја презеде функцијата министер за култура, најавува макотрпна работа и инвестиции

Зоран Љутков ја презеде функцијата министер за култура, најавува макотрпна работа и инвестиции

Скопје, 24 јуни 2024 (МИА) - Зоран Љутков денеска ја презеде функцијата министер за култура и туризам од досегашната министерка Бисера Костадиновска Стојчевска.

Љутков истакнал дека доаѓа време на промени, а пред сите чинители од областа на културата и туризмот, претстои интензивен период на макотрпна работа и инвестиции, што воедно претставува  врвен приоритет на новата влада, информира прес-службата на Министерството за култура и туризам. 

Костадиновска – Стојчевска на новоизбраниот министер му ја честитала новата должност и му посакала успех во совладувањето на предизвиците поврзани со реализацијата на тековните и идни проекти на Министерството за култура и туризам. 

Во објава на Фејсбук Костадиновска Стојчевска наведува дека го запознала Љутков со најважните тековни и планирани активности на Министерството за култура со верување, како што вели, дека ќе продолжи политиката на зголемување на платите на културните работници, поддршката на локалните заедници за проекти од културата, развој и поголема поддршка на новите културни институции кои веќе нижат успешни настани на домашната и странската сцена, како и континуитет на веќе започнатите капитални проекти.

- Македонската култура нека остане независна, слободна и достапна за сите, видлива дома и на меѓународен план, порачува Костадиновска Стојчевска.

Зоран Љутков е актуелен член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.  Роден е на 1 октомври 1977 година во Велес. Дипломирал на Факултетот за драмски уметности во Скопје, каде се стекнал со звање дипломиран драмски актер.Од компјутерски вештини познава Adobe Premiere pro. Мајчин јазик му е македонскиот, а добро го познава англискиот јазик.

Во периодот од 2006 до 2024 година во НУ Драмски театар - Скопје играл во повеќе театарски улоги меѓу кои „Џерардо, Девојката и смртта“, во адаптација и режија на Васил Христов во 2017 година, „Креонт, Антигона и Креонт“ од Миро Гавран, во режија на Нела Витошевич во 2016 година, „Крал Иби“ од Алфред Жари, во режија на Андреј Цветановски во 2015 година.Ја играл филмската улога на Турчин во „Прашина“, во режија на Милчо Манчевски во 2001 година, Мирче во „Резервни делови“, во режија на Дамјан Козоле во 2003 година, Славко во „Коски“, во режија на Милчо Манчевски во 2006 година и други.Од 2010 до 2013 година работи како уметнички раководител во НУ. Драмски театар - Скопје.

Добивал повеќе признанија и награди меѓу кои Награда за најдобра главна машка улога од страна на Интернационален Фестивал на античка драма СТОБИ - Велес во 2021 година, Награда за најдобра машка улога од Интернационален фестивал „Гола месечина” Скопје во 2014 година, како и Награда за најдобар млад актер од Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински - Прилеп во 2002 година. лв/дма/

фото: Министерство за култура 

Остани поврзан