• вторник, 24 декември 2024

Земјава атрактивна за јапонските инвеститори, ТИРЗ и Министерството за економија на Јапонија со заеднички иницијативи за засилена соработка

Земјава атрактивна за јапонските инвеститори, ТИРЗ и Министерството за економија на Јапонија со заеднички иницијативи за засилена соработка

Скопје, 26 јули 2023 (МИА) - Северна Македонија нуди атрактивни услови за јапонските инвеститори, особено за компаниите кои работат во делот на ИТ и напредните технологии. Ова го истакна помошникот министер за економија на Јапонија и генерален директор на Директоратот за трговски политики Матсуо Такехико на средбата со директорот на ТИРЗ Јован Деспотовски во Токио.

Деспотовски и Такехико, како што информира ТИРЗ, ја нагласиле важноста од засилување на економските односи меѓу двете земји, а разговарале и за конкретни иницијативи за соработка.

Јапонскиот помошник министер  нагласил дека е многу значајно зајакнувањето на економската соработка меѓу земји кои делат заеднички вредности како Северна Македонија.

-Јапонија има огромен економски и инвестициски потенцијал и може да стане важен партнер за забрзан раст на Северна Македонија. Разговаравме за конкретни програми кои ги нуди министерството за поддршка на инвестиции на јапонски компании во странство како и програми за обука на наши менаџери низ која веќе поминаа над 200 менаџери на македонски мали и средни компании. Тоа е потенцијал кој треба да се искористи, нагласил Деспотовски.

Според ТИРЗ, Деспотовски се враќа од Јапонија со конкретни планови за економска соработка и поттикнување јапонски компании да инвестираат во Северна Македонија. Тој во рамки на посетата имал средби и со првите луѓе на Јапонската агенција за развојна соработка, Јапонската асоцијација на производители на автомобилски компонети, Јапонската стопанска комора и Јапонската асоцијација на нова економија. 

-Од овие средби произлегоа конкретни планови за економска соработка и поттикнување на јапонски компании да инвестираат во Северна Македонија, истакнал Деспотовски.

Тој упатил и посебна покана до јапонскиот министер за економија да дојде во официјална посета на земјата следната година во рамки на активностите за одбележување на 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји. 

Деспотовски е во неколкудневна посета на Јапонија организирана во соработка со Јапонската амбасада во Северна Македонија со цел презентација на инвестициските можности во земјава. Предвидени се средби со неколку јапонски комори, бизнис асоцијации, компании и државни институции.

-Целта е да ја презентираме нашата земја и можностите за инвестиции пред повеќе јапонски компании и институции. Првичните разговори се охрабрувачки и веќе се отвораат можности за соработка на повеќе нивоа, потенцира директорот на ТИРЗ. мч/бак/

Фото: ТИРЗ

 

 

 

,

Остани поврзан