Зеленски: Украина сака да купи нови системи „Патриот“, поддршката од Западот продолжува
- Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека неговата земја е подготвена да купи дополнителни системи за противвоздушна одбрана и потврди дека за тоа веќе разговарал со американскиот претседател Доналд Трамп.

Берлин, 11 април 2025 (МИА) - Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека неговата земја е подготвена да купи дополнителни системи за противвоздушна одбрана и потврди дека за тоа веќе разговарал со американскиот претседател Доналд Трамп.
-Украина не само што бара, туку сме подготвени и да купиме соодветни дополнителни системи“, рече Зеленски во своето вечерно видеообраќање до нацијата. Тој најави и зголемени средства за радиоелектронска борба како дел од напорите за зајакнување на воздушната одбрана.
Претходно денеска, обраќајќи се преку видео-порака на состанокот на министрите за одбрана од т.н. „Рамштајн група“ во Брисел, Зеленски изјави: „Ве молам, фокусирајте се пред сè на противвоздушната одбрана на Украина. Навистина ни е потребна. Ни требаат десет американски системи 'Патриот'.“
Состанокот, во кој учествуваат 51 земја што ѝ пружаат воена помош на Украина, првпат беше копретседаван од европските сили, откако САД се повлекоа од таа улога. Земјите учеснички истакнаа дека не гледаат никакви знаци дека рускиот претседател Владимир Путин е подготвен за мир.
Зеленски се обрати од својот роден град Криви Рих во областа Днепропетровск, каде што минатата недела во руски напади загинаа 19 лица, меѓу кои и девет деца. Тој повтори дека последните напади докажуваат дека Москва не сака и не прифаќа реални мировни предлози.
Украинскиот претседател коментираше и за апсењето на кинески државјани во источна Украина, наведувајќи дека „стотици“ кинески борци се борат на руската страна. - Знаеме дека најмалку неколку стотини кинески граѓани учествуваат во руските окупациони сили, изјави тој. Москва ги отфрли овие тврдења.
Зеленски повика и на постигнување договор за формирање на меѓународен безбедносен контингент кој би бил распореден во Украина по евентуален мировен договор, со цел да се спречат идни напади од Русија. - Мораме да се договориме за јасни детали – за големината, структурата, логистиката, поддршката и опремата на контингентот, нагласи тој.
Германскиот министер за одбрана Борис Писториус и британскиот министер Џон Хили уверија дека западната воена поддршка ќе продолжи. На заедничка прес-конференција во седиштето на НАТО заедно со украинскиот министер Рустем Умеров, тие објавија нов пакет воена помош вреден 21 милијарда евра.
Хили ја нарече 2025 година „решавачка година“ за отпорот на Украина.
- Ова е критичен момент и ние ѝ порачуваме на Украина: Со вас сме во војната, со вас ќе бидеме и во мирот, рече британскиот министер. ссм/
фото: ЕПА архива