• вторник, 24 декември 2024

Зеленски: Повеќето земји членки на ЕУ се на украинската страна

Зеленски: Повеќето земји членки на ЕУ се на украинската страна

Брисел, 27 јуни 2024 (МИА) - Со одлуката за поддршка на Украина повеќето земји членки на ЕУ покажаа дека се на вистинската страна, на украинската страна, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски при пристигнувањето на Самитот на Унијата во Брисел. 

Во присуство на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, Зеленски изрази благодарност до сите лидери на ЕУ за „историскиот исход“ со одржувањето на првата Меѓувладина конференција со Украина во вторникот и почетокот на преговорите за членство во Унијата. 

- Долго време го чекавме ова. Знаете дека сите, и цивилите и секако нашите херои на бојното поле, сакаме да бидеме во ЕУ, изјави Зеленски, додавајќи дека стартот на преговорите е „многу важен за сите, за цела Украина“. 

Тој нагласи дека со европските лидери ќе разговара за „следните чекори“, пред се за поддршката со противвоздушна одбрана и за целиот воен пакет за помош, како и за одлуката за искористување на приходите од руските замрзнати средства. 

Зеленски се заблагодари и за учеството на претставници на ЕУ на Мировниот самит за Украина што се одржа во Швајцарија и најави дека со европските лидери ќе разговара за одржување на втор самит. Според Зеленски, Украина со своите партнери во следните месеци ќе работи на подготовка на заеднички мировен план, кој би бил разгледуван на следниот мировен самит.  

Запрашан дали Украина е подготвена за преговори за мир со Русија, Зеленски истакна дека од руска страна засега нема никаков мировен план и дека нејзин единствен план е како војната да трае подолго. 

- Но, нам ни е потребен (план) и ќе го направиме, бидејќи повеќето земји се на наша страна што се покажа и на првиот Мировен самит. Видов дека иако некои земји се скептични, тие сепак не разбираат нас и се на вистинската страна. На страната за запирање на оваа војна, бидејќи знаат дека оваа војна ни ја донесе Путин. Нема дилеми кој е агресор, додаде Зеленски.  

Мишел од своја страна изјави дека изминатава недела ЕУ работеше многу напорно за да ја поддржи на Украина, прво преку постигнувањето на Договорот меѓу Унијата и земјата, што беше потпишан пред почетокот на Самитот, потоа со одржувањето на првата Меѓувладина конференција и официјалниот старт на преговорите за членство на државата во блокот, како и за дополнителна поддршка, пред се воена и финансиска поддршка, преку одлуката за искористување на приходите од замрзнатите руски средства за помош на Украина.

- Кога Украинците се борат за одбрана на нивната иднина, за иднината на нивните деца, кога се борат за одбрана на нивната земја, се борат и за одбрана на нашите заеднички вредности, нашите соништа за повеќе мир, просперитет и повеќе безбедност, истакна Мишел, додавајќи дека ЕУ ги поддржува вредностите на Повелбата на ОН и територијалниот интегритет и суверенитет на Украина. сп/

Фото: Скриншот

Остани поврзан