Зеленски: ЕУ треба да создаде механизам за да спречи блокирање на едногласни одлуки
- Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги повика европските лидери да најдат начин да го направат процесот на донесување одлуки побрз, пофлексибилен и поефективен, осврнувајќи се на ветото на Унгарија за отворање на преговорите за пристапување на Украина во ЕУ.

Брисел, 20 март 2025 (МИА) – Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги повика европските лидери да најдат начин да го направат процесот на донесување одлуки побрз, пофлексибилен и поефективен, осврнувајќи се на ветото на Унгарија за отворање на преговорите за пристапување на Украина во ЕУ.
Зеленски ова го изјави ова во обраќањето пред Европскиот совет, пренесе БТА повикувајќи се на Укринформ.
- Непријатно е да се каже, но потребен е одреден притисок во самата Европа за да се осигура дека сè што е ветено навистина ќе се случи. Зборувам за преговорите за пристапување на Украина во ЕУ и за решавање на некои прашања од суштинско значење за европското единство. Едноставно е антиевропски кога еден човек ги блокира одлуките кои се важни за целиот континент или веќе се договорени, рече Зеленски.
Шефот на државата посочи дека Украина ги исполнила сите барања, но се соочува со тешкотии во почнувањето на првиот и другите преговарачки кластери за пристапување на земјата во ЕУ.
- Европските напори кои треба да донесат поголема безбедност и мир, исто така, постојано се попречуваат. И мислам дека тоа не е правилно. Европа мора да има начин да ги спречи поединечните учесници да го блокираат она што е неопходно за сите. Ако кажеме дека Европа мора да биде посилна наспроти глобалната конкуренција, тогаш треба да зборуваме и за побрз, пофлексибилен, поефикасен европскиот процес на донесување одлуки – без разлика дали се работи за политика, одбрана, економија, индустрија или која било друга област. На Европа и треба брзина во одлучувањето и конкретни механизми за да се заштити од непотребните блокади, истакна украинскиот претседател.
БТА потсети дека унгарскиот премиер Виктор Орбан го запре почетокот на преговорите за пристапување на Украина во ЕУ, повикувајќи се на принципот на едногласност при одлучувањето за проширувањето на Европската унија.
Во своето обраќање пред Европскиот совет, Зеленски ги повика своите членки да продолжат со притисокот врз Русија и да одобрат план од најмалку пет милијарди евра за набавка на артилериско оружје. јт/
Фото: ЕПА