• вторник, 24 декември 2024

Зголемена наплатата на патарини, од јануари до мај приходи од 968,7 милиони денари 

Зголемена наплатата на патарини, од јануари до мај приходи од 968,7 милиони денари 
Скопје, 12 јуни 2021 (МИА) - Податоците за остварената наплата на патарините во првите месеци од годинава ни даваат за право да бидеме оптимисти дека не само што ќе се вратат приходите остварени пред пандемијата на Ковид 19, туку реално е да очекуваме и да се зголемат, вели во интервју за МИА  директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми. За периодот јануари-мај, во 2021 година е остварен промет од наплата на патарина поголем во однос на истиот период во 2019 година (која според годишниот промет е рекордна) и има зголемување за над 4 проценти. Ако во 2019 година до мај биле инкасирани 926.114.696 денари, за истиот период во 2020 година е остварен промет од вкупно 751.329.426 денари, за разлика од 2021 година кога прометот изнесувал 968.718.496 денари или зголемување од 28,9 проценти во 2021 година. Овие средства, посочува, се важни за планирањето на Годишната програма на ЈПДП, од нив ќе зависи што ќе содржи програмата и колкав опфат на патишта ќе се рехабилитараат или градат. Воведувањето на електронската наплата на патарина на Коридорот 10, како што вели  директорот на ЈПДП, наиде на позитивен прием кај корисниците. - Во екот на пандемијата, многу корисници си набавија електронски уреди токму поради безбедноста и избегнувањето контакт со пари, билети и на крај, избегнување и на човечкиот фактор. Навиките за наплата на патарина се сменија и се менуваат секојдневно. Доказ за тоа е и продажбата на речиси 24.000 електронските уреди од кои 8960 се M-Таг и 14963 се М-Смарт картички. Со заокружувањето на имплементирањето на електронската наплата на патарина и на наплатните станици на Коридор 8, овие цифри ќе се зголемуваат, смета Рустеми. Тој информира дека изградбата на новите наплатни станици Преод и Кадрифаково на автопатот Миладиновци- Штип, што стартуваше во мај годинава, согласно со Договорот со изведувачот конзорциумот Аселсан-Жикол треба да заврши кон крајот на октомври годинава. За постојните наплатни станици, „Миладиновци“ на автопатот Миладиновци-Штип и наплатните на Коридор 8, Глумово, Желино, Тетово и Гостива, за кои е предвидена реконструкција и воведување електронски систем за наплата на патарина во тек е изработка на проектна документација согласно со договорот со изведувачот конзорциумот Аселсан -Жикол. По реализацијата на проектната документација и нејзино официјално одобрување ќе започне и реализацијата на терен, најавува Рустеми. На Коридор 8 има четири постојни патарини за кои е планирана реконструкција со претходно изготвена проектна документација од страна на ЈВ Аселсан-Жикол, на автопатот Миладиновци-Штип има една постојна наплатна за која е планирана реконструкција со проширување и две нови кои се во тек на реализација. Проектот чини  12.489.356,17 евра, вклучувајки и поставување фотоволтаичен систем на тие наплатни патарини, и на наплатните на Коридор 10 - Романовце, Петровец, Сопот, Отовица Градско, Демир Капија и Гевгелија, како и  неопходни резервни делови и одржување на новиот електронски систем во период од 12 месеци. лв/ац/  

Остани поврзан