• петок, 08 ноември 2024

За 7 декември одложено судењето за пожарот во тетовската модуларна болница

За 7 декември одложено судењето за пожарот во тетовската модуларна болница
Тетово, 8 ноември 2022 (МИА) - Во Основниот суд во Тетово и денеска беше одложен почетокот на судењето за пожарот во тетовската модуларна болница што се случи на 8 септември 2021 година, во кој 14 луѓе ги загубија животите, а десетина беа повредени.
Судијата Јордан Велковски го одложи судењето за 7 декември откако еден од обвинетите повторно немаше адвокат бранител. Причина за одлагањето беше и тоа што другите адвокати побараа освен увид да имаат и препис од доказните материјали.

По десетмесечната истрага почетокот на судењето беше закажано за 6 септември, па се одложи за 14 октомври поради отсуство на двајца од обвинетите. На 14 октомври беше одложено за денес - 8 ноември поради тоа што двајца од обвинетите немаа адвокати.

Обвинети се директорите Фљорин Бесими и Артан Етеми, како и докторот Бобан Вучески и Клиничка болница Тетово како правно лице.

Тетовското Обвинителство ги обвини двајцата директори Фљорин Бесими и Артан Етеми за кривично дело тешки дела против општата сигурност и докторот Бобан Вучевски за кривично дело непостапување според здравствени прописи за време на епидемија, додека правното лице ЈЗУ Клиничка Болница Тетово за кривични дела предизвикување на општа опасност и непостапување според здравствени прописи за време на епидемија.

До судење дојде откако на 27 јули Обвинителството поднесе обвинителен предмет од Основен суд Тетово.  Обвинителството десет месеци водеше истрага во која стручни анализи и вештачења беа направени од МВР, Технолошкиот факултет,  електроинжинер  и експерти и истражители од сојузната криминалистичка полиција на Германија.

Во октомври 2021 по вештачењето на МВР, Обвинителството информираше дека пожарот во модуларната настанал како последица на запален продолжен кабел, на кој бил приклучен дефибрилатор-апарат за реанимација, полнач за мобилен телефон и уште еден уред, информираше обвинителството.

Тогашните двајца директори на тетовската болница поднесоа оставки, но останаа на функциите се до преструктуирањето во Владата. ас/дма/

Остани поврзан