• среда, 27 ноември 2024

Сообраќајна култура во Северна Македонија ниска, се вози брзо, под дејство на алкохол и се прскаат пешаци

Сообраќајна култура во Северна Македонија ниска, се вози брзо, под дејство на алкохол и се прскаат пешаци

Скопје, 20 април 2024 (МИА) – Во Македонија се вози брзо, без дозвола, на црвено и под дејство на алкохол. Овие прекршоци се помеѓу најчестите фактори за незгодите со тешки последици. Анализата на МИА покажува дека возачите често не носат појас, паркираат на недозволено место и користат мобилен телефон додека управуваат со возилото. Ова ја отсликува сообраќајната култура кај нас која надлежните ја оценуваат како ниска.

МИА го анализираше вкупниот број на дел од прекршоците од Законот за безбедност на сообраќајот за изминатите три години. Впечатокот е дека засилените акцииски контроли во собраќајот на Министерството за внатрешни работи ги зголемија и изречените санкции.

Според анализата, за брзо возење, од 2021 до 2023 порастот на прекршоци изнесува 25 проценти, а најголем раст има во делот на возење под дејство на алкохол, каде што од 4 879 во 2021 година, прекршоците се зголемуваат на 9 911 во 2023. 

За возење без возачка дозвола, растот на прекршоци изнесува 96 проценти, а раст е забележан и во делот на поминување на црвено, со 438 евидентирани прекршоци во 2021 и 621 во 2023 година.

Тони Ангеловски, помошник министер за односи со јавност и стратешки прашања во МВР, вели дека овие прекршоци се најчести и се главна причина за тешки сообраќајни несреќи.

- Зборуваме за пребрзото возење, возење под дејство на алкохол, недавање на предност, главните причинители за тешките сообраќајни несреќи. Се разбира, поради тоа ги спроведуваме акциските контроли за санкционирање. Паралелно со тоа работиме и во превентивниот дел. Преку медиумите, со предавање во училиштата и собири со граѓаните, каде што ја упатуваме пораката дека мора да ги почитуваме сообраќајните правила и прописи, затоа што, доколку не ги почитуваме, можеме да бидеме причина за тешка сообраќајна несреќа, вели тој.

Дејан Андоновиќ, портпарол на Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата, вели дека ова се прекршоци со најголем број на настрадани, за нив нема никаква толеранција и најостро се санкционираат. Тој дополнува дека совеста на возачите се отсликува врз сообраќајната култура. 

- Колку сме културни како народ, толку сме културни и во сообраќајот. Изминатите години, заедно со партнерите од МВР и со медиумите, правиме многу кампањи. Изгледаат чести и про-форма, меѓутоа, со апели и потсетување на граѓаните. Бележиме напредок во подигнувањето на јавната свест и сообраќајната култура. Но, за жал, тоа е сѐ уште на ниско ниво, бидејќи секојдневно сме сведоци, може десет луѓе да се со висока свест во сообраќајот, доколку еден помеѓу тие десет се покаже со ниска свест и без сообраќајна култура, ќе ја расипе целата слика и може да доведе до несакани последици, вели тој.

Мобилниот телефон – најголем одвлекувач на внимание во сообраќајот

Додека законот вели дека за време на управувањето со возилото не смее да се користат уреди кои ја намалуваат можноста за реагирање и сигурно управување со моторното возило, мобилниот телефон останува најчестиот одвлекувач на внимание кај возачите. За овој прекршок, во изминатите три години МВР изрекле 7 108 казни.  

Ова претставува уште еден значаен фактор на ризик во сообраќајот, кој, според новиот извештај на Европската опсерваторија за безбедност на патиштата при Европската Комисија, може да го зголеми ризикот од сообраќајна незгода за 2,5 пати. 

Ангеловски е согласен дека користењето на мобилен телефон додека возиме е голем проблем. 

- Апсолутно е недозволиво да комуницирате преку мобилен телефон додека управувате возило, затоа што ќе ви го одвлече вниманието на друга страна, а еден момент е потребен за да направите сообраќајна несреќа. Особено, нели, зборуваме за зборување, а уште повеќе за некои граѓани кои што дури и пишуваат пораки додека возат. Таа навика мора да ја искорениме и ние настапуваме како полиција, строго да ги санкционираме овие прекршоци, затоа што, како што кажав, тие можат да предизвикаат тешка сообраќајна несреќа, нагласува Ангеловски.

Прскање на пешаци: Совест и безбедност во сообраќајот

Прскањето на пешаци е позната појава во сообраќајот на нашите патишта, но, не толку позната во казнената евиденција на МВР. Една од причините за тоа е тоа што овој прекршок мора да биде затекнат од полициски службеник, во спротивно, е тежок за докажување.

Според податоците од МВР што ги доби МИА, во изминатите три години биле изречени само 39 санкции за прскање на пешаци.

Андоновиќ смета дека прскањето на пешаци ја покажува совеста на возачот. 

- Оној што ќе испрска пешак со возило, што ќе испрска нечија мајка, жена, сестра, дете, другар, татко, дедо, само покажува каков човек е и тоа веќе не е работа ниту на Советот ниту на оние што се занимаваат со сообраќај, туку со некои медицински науки, вели тој.

Ангеловски дополнува дека и овој прекршок, пред сѐ, е предвиден да влијае на свеста на граѓаните.

- Ставете се во улога на оној пешак кој што е испрскан. Може утре да бидете вие. Затоа, кога врне, пред сѐ и за наша безбедност, затоа што е полизгав коловозот, може да се предизвика сообраќајна незгода, но и да ги заштитиме пешаците кои што се движат по тротоарите, да не бидат испрскани од возилата кои што се движат по улица, вели Ангеловски.

Раст на непрописно паркирање: сообраќајна иронија и лична свест

Трендот на паркирање на недозволено место, исто така, се зголемува изминатите три години, со раст од 31 проценти, или, вкупно изречени 6 369 санкции.

Андоновиќ и Ангеловски се согласни дека неодговорното паркирање го загрозува сообраќајот.

- Сведоци сме секојдневно, не ни треба статистика. Факт е дека имаме една иронија да видиме автомобил од сто илјади евра како е паркиран на недозволено место и сопственикот кој платил 50-100 илјади евра за возило, да му е скапо да плати 70 денари паркинг. Што само укажува колку е нашата свест и сообраќајна култура, вели Андоновиќ.

Според Ангеловски, паркирањето на недозволено место може да предизвика други сообраќајни незгоди во кои може да настрадаат и пешаци и велосипедисти.

- Доколку вие непрописно го оставите вашето возило на тротоар, пешаците и велосипедистите се принудени да се симнат на улицата и со тоа да се изложат на опасност од патничките возила и моторите кои што поминуваат по улицата, вели тој.

Дополнува дека е факт дека нема доволно паркинг места, особено во Скопје, но, потенцира дека сите заедно треба да работиме на решавање на проблемот.

-  Јас го сфаќам и проблемот со немање место на пакрирање, кој што е особено изразен во Скопје. Но, сите заедно, и ние, и општините, и сите институции, мора заеднички да наоѓаме решенија, а граѓаните мора да внимаваат каде го оставаат возилото. Мора да се откажеме од таа навика дека мора да го оставиме возилото и да влеземе веднаш во институцијата. Ќе го оставиме возилото онаму каде што има место. Се разбира, малку и ќе поодиме за да стигнеме до целта, вели Ангеловски.

Правилата за носење на појаси важат и во град и надвор од него

Според санкциите на МВР, анализата покажа дека се зголемува и бројот на возачи кои не носат безбедносен појас. Од 2 852 во 2021 година, полицијата изрекла скоро дупло санкции во 2023 година, или, вкупно 10 740 за изминатите три години.

Андоновиќ вели дека се забележува зголемено носење на безбедносен појас, но, најчесто надвор од градската средина и поретко на задната клупа.

- Затоа и апелираме, ги потсетуваме и ги информираме секогаш граѓаните, бидејќи владее една фама кај луѓето дека во град не мора да се носат појаси, туку само надвор од населени места. Сите овие законски правила и прописи се однесуваат и во град, и надвор од град, вели тој.

Ангеловски потсетува дека носењето појас е за нашата безбедност.

 - Научно е докажано дека многу полесно може да се помине при евентуална сообраќајна несреќа доколку имаме појас на себе. Затоа, апелирам до граѓаните, пред сѐ заради личната безбедност, да користиме сигурносен појас, вели тој.

Преку превенција и санкции до подигнување на сообраќајната култура 

Во однос на ефективноста на казнената политика и можните превентивни алтернативи, Андоновиќ вели дека искуствата кажуваат дека само санкции, или само превентивни укажувања, не даваат резултати, најдобро, според него, е комбинација од двете.

- Една комбинација на санкции и предупредувања дава најголем успех бидејќи повторно е до совеста. Има категорија на граѓани кои прават прекршоци и колку и да се санкционирани продолжуваат да ги прават. Има граѓани кои ќе направат прекршок и потоа го прават, но, гледаат да не бидат видени. Има и процент на граѓани кои откако ќе бидат санкционирани сериозно ја прифаќаат санкцијата и во иднина не го повторуваат делото. Една комбинација меѓу двете е најдобро, бидејќи само да казнувате не води никаде, вели тој.

Ангеловски дополнува дека казнената политика засега е добра, но, доколку се појави потреба, истата ќе биде изменета.

- Ние живееме во модерен свет каде што се менуваат работите. До пред неколку години не постоеја електрични тротинети. Кога се појавија на улиците, моравме да ги регулираме. Имаше потреба од промена на законите. Така што, се разбира, новото време, новите навики носат потреба од менување на законите. Секогаш кога ќе оцениме дека има потреба, ќе постапиме во врска со тоа, вели тој.

Ангела Рајчевска

Видео: Аслан Вишко

Фото: МИА

Остани поврзан