• среда, 25 декември 2024

За власта со одлуката на ЕСЧП за аболицијата победила правдата, за застапниците на обвинетите  работата не е завршена 

За власта со одлуката на ЕСЧП за аболицијата победила правдата, за застапниците на обвинетите  работата не е завршена 

Скопје, 16 февруари 2023 (МИА) – Европскиот суд за човекови права во Стразбур вчера ја отфрли како недопуштена, жалбата за поништената аболиција на поранешниот претседател Ѓорге Иванов од 2016 година. Додека за власта оваа одлука е победа на правото и е во полза на државата бидејќи помилувањата немаат законска основа, застапникот на обвинетите и осудените пред ЕСЧП адвокатот Влатко Илиевски, вели оти нема простор за триумфализам на власта, бидејќи, според него, целата работа во Стразбур не е завршена, туку само е одложена. Поранешната судијка во Судот во Стразбур и актуелна судијка во Врховниот суд, Мирјана Лазарова-Трајковска за МИА појасни дека оценката на Судот е дека жалителите не ги искористиле сите редовни и вонредни правни лекови кои им ги нуди националното право, а за кои во претходни пресуди и одлуки судот прифатил дека се ефективни правни лекови.

ЕСЧП вчера ја отфрли како недопуштена, жалбата за поништената аболиција на поранешниот претседател Ѓорге Иванов од 2016 година со која беа помилувани 56 лица осомничени и осудени во повеќе предмети што ги водеше Специјалното јавно обвинителство, меѓу кои и поранешниот премиер Никола Груевски, министерот за транспорт и врски во неговата влада Миле Јанакиески, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот директор на УЈП Сашо Мијалков и други тогашни државни функционери. ЕСЧП одлучуваше по жалбата поднесена од осуммина граѓани на Република Северна Македонија од 2020 година. Одлуката на Судот е достапна на следниот линк.

Станува збор за аболицијата на поранешниот претседател Ѓорге Иванов од април 2016 година. Во 2016 година Уставниот суд ги укина законските измени од 2009 година во кои се избриша член 11, што му даде можност на претседателот да дава аболиција и без спроведување на постапката за помилување.

Веднаш по одлуката на Уставниот суд, Иванов одлучи да ги помилува тогашните функционери од ВМРО-ДПМНЕ, што доведе до масовни протести. По реакциите во јавноста, беа донесени измени на Законот за помилување со што се отвори простор за повлекување на аболициите. 

- Европскиот суд за човекови права со одлуката да ги отфрли жалбите за поништената аболиција од поранешниот претседател Ѓорге Иванов, оценил дека жалителите не ги искористиле сите редовни и вонредни правни лекови кои им ги нуди националното право, а за кои во претходни пресуди и одлуки судот прифатил дека се ефективни правни лекови. ЕСЧП одлучи со одлука да ги отфрли жалбите во врска со можни повреди на правото на правично судење на жалителите кои се повикаа на дадените па повлечени помилувања. Ова од причина што, Судот може да прифати случај само откако ќе бидат исцрпени сите домашни правни средства,  и во рок кој во време на поднесувањето бил шест месеци сметано од датумот на кој е донесена конечната одлука од страна на националните власти, изјави за МИА Лазарова-Трајковска.

Ваквата одлука на Судот, како што посочува, може да влијае само во однос на преиспитување од страна на жалителите дали се уште останале можности за покренување на правни лекови пред националните судови или во некои постапки тие рокови се поминати.

Таа појаснува дека во секој степен од постапката, Судот може да одлучи да отфрли определена жалба од списокот на предмети.

-Во конкретниот случај, иако жалбата, по оценка на Судот била дека жалбите треба да се отфрлат поради неисцрпеност на домашните правни лекови и можел да ги отфрли жалбите и во рана фаза на поднесување во фoрмација од Комитет од тројца судии, тој сепак предметот го одлучил во совет од седум судии заради неговата комплексност и важност за подносителите на жалбите но и за националните власти, нагласува судијката Лазарова-Трајковска.

Претседателот Стево Пендаровски ја поздрави одлуката на ЕСЧП.

- По објавувањето на одлуката од страна на Европскиот суд за човекови права, претседателот ја разгледа со советничкиот тим и смета дека сите засегнати со постапките поведени од страна на Обвинителството и судовите во државата, треба своите права да си ги остваруваат пред домашните институции, како што е наведено и во одлуката на Судот во Стразбур. Во оваа смисла, сите постапки пред домашните судови продолжуваат до нивно конечно завршување, односно исцрпување на сите правни средства согласно правните прописи на нашата држава, наведоа во соопштението од кабинетот на претседателот Пендаровски.

И Владата на Република Северна Македонија ја поздрави одлуката на ЕСЧП која е во полза на државата и потврдува дека жалбите на апликантите во целост се прогласени за недозволени вклучително и во делот за наводните помилувања.-Аргументите на Владата во однос на недозволеноста на апликациите се целосно уважени од страна на ЕСЧП. Спротивно на тврдењата на апликантите, ЕСЧП не утврдува прекршување на Европската Конвенција за заштита на човековите права (ЕКЧП). Одлуката која денес ја донесе ЕСЧП се однесува на шест случаи кои пред Судот во Стразбур ја тужеа Република Северна Македонија со наводи за повреда на ЕКЧП по член 5 и член 6. Со одлуката, Судот смета дека жалбите на апликантите  се недозволени во принцип поради неискористување на домашните правни лекови, е наведено во соопштението од владината прес-служба..  Како држава членка на Советот на Европа, како што наведе прес-службата, Владата ја користи оваа прилика да ја повтори својата посветеност и кон владеењето на правото и на Европската конвенција за човекови права и вредностите кои ја поткрепуваат. Како држава која води преговори со ЕУ со крајна цел полноправно членство на Северна Македонија во Унијата, посочуваме дека владеењето на правото е еден од највисоките приоритети.Воедно, Владата на Република Северна Македонија посочува дека во рамките на своите надлежности обезбедува поддршка за самостојно и независно функционирање на правосудниот систем.

-Во таа насока, би сакале да ја информираме јавноста дека со оглед на фактот што кривичните постапки на кои се однесуваат апликациите и оваа одлука на Судот во Стразбур, се сѐ уште во тек пред домашните судови, Владата во овој момент нема да дава дополнителни коментари, како не би влијаела на понатамошните процеси, се додава во соопштението.Официјален превод на сижето од одлуката во соопштение објави Бирото за застапување на Република Северна Македонија пред ЕСЧП.

За премиерот Димитар Ковачевски одлуката на ЕСЧП е огромна победа и огромен успех на нашата држава. -Македонскиот тим навистина даде се од себе и извојува победа во исклучително комплексен случај, изјави вчера Ковачевски.

-Ова е победа и на државата и на правдата и на правосудниот систем. Со одлуката судот смета дека жалбата на апликантите се недозволени во принцип поради неискористување на домашните правни лекови. Ние сме држава членка на Советот на Европа, Нашата посветеност на владеењето на правото и на Европската конвенција за човекови права и вредности, кои ја поткрепуваат се неспорни, во голем број други случаи. Дополнително како држава, која води преговори со ЕУ, со крајна цел полноправно членство на Северна Македонија во Унијата, факт е дека владеењето на правото е еден од највисоките приоритети за нас, оцени Ковачевски.

Премиерот наведе дека со оглед на фактот на кривичните постапки на кои се однесуваат апликациите, и оваа одлука, се се уште во тек пред домашните судови, би се воздржал од дополнителни коментари, со цел, како што рече, „за да нема недоразбирања и да се протолкува како влијание на тамошните процеси“. 

Вицепремиерот за европски прашања и поранешен министер за правда, Бојан Маричиќ за одлуката на ЕСЧП оцени дека правната држава победи - помилувањата немаат законска основа.

-Ја поздравувам денешната одлука на Европскиот суд за човекови права која е во полза на државата, според која жалбите на апликантите во целост со наводните помилувања се недозволени. Со одлуката, Судот смета дека жалбите се недозволени во принцип поради неискористување на домашните правни лекови и дека нема прекршување на човековите права, објави Маричиќ на својата официјална Фејсбук страница.

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ упати честитка до граѓаните од православна вероисповед по повод Божиќ. 

Вицепремиерот додава дека постапките продолжуваат пред домашните судови, бидејќи е нелегитимно да се прескокнуваат македонските судови.

-Можеби Европскиот суд е искористен во овој случај како алатка за одолговлекување на постапките, но сепак владеење на правото е неприкосновен принцип, смета Маричиќ.

Исклучително важно е, подвлекува тој, да има спроведена правда која граѓаните ја очекуваат, а која ќе се нотира позитивно во извештаите на Европската комисија во делот почитување на владеење на правото во Северна Македонија.

Адвокатот Влатко Илиевски, кој е застапник на обвинетите и осудените пред ЕСЧП во Стразбур, вели дека е зачуден зошто судот чекал толку долго за да се изјасни по жалбата за поништената аболиција од поранешниот претседател Ѓорге Иванов.

-Ме чуди тоа зошто на Судот за човекови права во Стразбур му требаше пет и пол години за да донесе вакво решение. Можеше многу побрзо да каже дека жалбите се недопуштени, односно дека се преуранети. Но она што е важно дека по оваа одлука нема простор за триумфализам кај Владата, бидејќи ова не значи дека аболицијата е прогласена за неважечка. Затоа кога за овие случаи ќе треба да се одлучува во втор и трет степен, домашните судови треба да ги земат во предвид аргументите кои ги наведовме во апликациите, вели Илиевски за „Фокус“.

 М Адвокатот Влатко Илиевски, кој е застапник на обвинетите и осудените пред Европскиот суд за човекови парава во Стразбур, вели дека е зачуден зошто судот чекал толку долго за да се изјасни

Адвокатот очекува дека домашните судови ќе ги земат во предвид аргументите кои се дел од апликацијата доставена пред Стразбур, а во која се наведува дека еднаш дадена аболиција од претседател на држава, не може да се поништи и таа е важечка. Според адвокатот, ова е шанса на Врховен суд да се произнесе по однос на валидноста на аболициите.

-Ова решение значи дека апликантите, односно жалителите треба да ги исцрпат прво тука сите правни лекови, пред националните судови за да можат по добивање на конечната пресуда, каква и да е таа, да одлучат дали ќе поднесат нова апликација во Стразбур или не. Оваа одлука денеска е решение, со оваа одлука не се решава мериторно по однос на суштината на барањето (поништувањето на дадените аболиции од Иванов) туку од процедурален аспект се одбива како преуранета. Од тие причини сметам дека нема простор за голем триумфализам кај Владата дека е одлучено во нивна полза. Едноставно треба да почека да се исцрпат сите правни лекови“, објаснува Илиевски за „Макфакс“.

Прашан дали решението значи дека не е одлучено по прашањето дали аболициите се важечки или поништени, адвокатот Влатко Илиевски вели: „Да, не се одлучува по однос на тоа прашање“. нд/лв/

 

Остани поврзан