• вторник, 24 декември 2024

Поднесени четири амандмани за измените на Законот за минерални суровини за коридорите 8 и 10д

Поднесени четири амандмани за измените на Законот за минерални суровини за коридорите 8 и 10д

Скопје, 12 април 2023 (МИА) - Членовите на собраниската Комисија за економски прашања почнаa со расправа по измените и дополнувањата на Законот за минерални суровини, иако дневниот ред на седницата се уште не е изгласан. По неколку процедурални забелешки, претседателот на Комисијата Диме Велковски ја прекина седницата и најави нејзино продолжување следната недела. Тој информираше дека за измените на Законот се поднесени четири амандмани - два од ВМРО - ДПМНЕ и два од Љупчо Балковски од ВМРО-НП, кој е дел од владејачкото мнозинство.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, во процедурални забелешки, побараа до нив да биде доставен Договорот за изградба на Коридорите 8 и 10д со „Бехтел и Енка“, за да можат да видат дали измените на предложените закони се во согласност со него, изнесувајќи при тоа сомнежи за криминал и корупција.  

Пратеникот Тони Јаревски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека на седницата треба да дојде „нарачателот на овие закони“ Артан Груби и да ги образложи.

Тој се впушти во расправа за измените на Законот за минерални суровини, посочувајќи дека со една од одредбите се овозможува изведувачот да може да копа каде и колку што сака. Јаревски оцени дека се избегнува добивање дозвола од надлежни институции, посочувајќи дека на овој дел ВМРО- ДПМНЕ има поднесено амандман. Вториот нивен амандман се однесува на одредбата уште шест месеци по завршувањето на работите на коридорот да може тие што добиле одобрание да ископуваат суровини. 

Во однос на овие одредби во измените на Законот за минерални суровини се однесуваат и амадманите поднесени од пратеникот Љупчо Балковски од ВМРО - НП.  

На седницата координаторот на пратеничката група на ДУИ, Арбер Адеми побара да не се злоупотребува процедурална забелешка од страна на пратениците од ВМРО ДПМНЕ за водење расправа по Предлог измените. Според него, опозициската ВМРО ДПМНЕ е деструктивна и ги блокира сите комисии бидејќи не сака да се изградат коридорите.

Тој потсети дека изградбата на Коридорот 8 било ветување и на оваа партија кога била на власт. Досега, рече тој, овој Коридор требаше да биде изграден. За изнесените сомнежи за криминал, Адеми побара од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да ги докажат нивните наводи. ев/сп/

Остани поврзан