• вторник, 24 декември 2024

Захарова: Членството во НАТО може да доведе до неповратни последици по државноста на Украина

Захарова: Членството во НАТО може да доведе до неповратни последици по државноста на Украина
Москва, 9 април 2021 (МИА) - Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова денеска изјави деkа членството на Украина во НАТО ќе доведе до голема ескалација на состојбата во Донбас. - Посветивме внимание на изјавата на претседателот на Украина, Володимир Зеленски, кој вчера беше во Донбас, за тоа како членството на земјата во НАТО би довело до завршување на судирот во регионот. Хипотетичкото членство во Алијансата, и покрај очекувањата на Киев, не само што нема да донесе мир во Украина, туку, напротив ќе доведе до ескалација на ситуацијата во југоисточниот дел и може да доведе до неповратни последици по украинската државност, истакна Захарова. Таа додаде дека Украина е во илузија ако мисли дека судирот во Донбас ќе го реши по воен пат, како и оти Киев „шири хистерија за митската руска закана и плановите на Москва да ја нападнат Украина. - Сето тоа се случува воглавно на предлог на западните покровители, со нивна отворена јавна поддршка, потенцира Захарова. Таа го повика Киев да почне со имплементација на преземените обрски од договорот во Минск. И заменик шефот на руската претседателска администрација, Дмитриј Козак вчера предупреди дека под одредени околности Русија може да биде принудена да ги штити своите граѓани во источниот дел на Украина, како и оти големи воени акции може да означат почеток на крајот на Украина како држава. Претходно и Украина повика на исполнување на обврските од Договорите од Париз и од Минск, а исто така упати апел Русија веднаш да ги стопира акциите насочени кон влошување на безбедносната ситуација во зоната на руско-украинскиот вооружен судир, да се откаже од насилството и логиката на војната. И официјален Киев тврди дека претставниците на Кремљ и на медиумите ги засилуваат дезинформациите, во кои Украина се претставува како немилосреден агресор. Официјален Киев оценува дека „Москва најверојатно веќе подготвила измислен изговор како би почначла нова фаза на вооружена агресија против Украина“. Ситуацијата во Донбас се заостри кон крајот на февруари. Во регионот речиси секојдневно има размена на оган, а страните меѓусебно се обвинуваат за влошување на ситуацијата. Од 27 јули минатата година во сила се дополнителни мерки за обезбедување на примирје. ми/

Остани поврзан