• сабота, 23 ноември 2024

Закон за МИА би обезбедил стабилност и долгорочна функционалност на Агенцијата, заклучок од средбата Вал-Антоновски

Закон за МИА би обезбедил стабилност и долгорочна функционалност на Агенцијата, заклучок од средбата Вал-Антоновски

Скопје, 12 декември 2023 (МИА) - Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Килиан Вал денеска беше во посета на МИА на средба со директорот на Агенцијата, Драган Антоновски. 

На средбата Антоновски и Вал разговараа за сегашната соработка меѓу МИА и Мисијата на ОБСЕ, како и за можностите за нејзино продлабочување во иднина, при што акцент ставија на потребата од носење закон за МИА, со кој ќе се обезбеди одржливоста, финансиската стабилност и долгорочна функционалност во работењето на медиумот.

Амбасадорот Вал ја истакна важноста на МИА како релевантен извор на точни и проверени информации за домашните и странските случувања, на која освен останатите медиуми, се потпираат и амбасадите во земјава, меѓу кои и Мисијата на ОБСЕ.

null

Тој посочи дека со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во април беше организирана тркалезна маса за решенија за унапредување на независноста и одржливоста на МИА. На дебатата учествуваа домашни и странски експерти и претставници на релевантни институции и од неа произлегоа препораки за подобро позиционирање на Агенцијата во медиумскиот простор и гарантирање на нејзината финансиска стабилност и независност, кои беа доставени до Владата.

Антоновски истакна дека е потребно законски да се регулира работата на Агенцијата, со што ќе се овозможи таа да располага со фиксен буџет, кој нема како досега да се менува среде година со владина одлука. 

null

Соговорниците се осврнаа и на можностите за регионална соработка на Агенцијата со останатите медиуми во регионот, а со поддршка на Мисијата на ОБСЕ. Разговараа и за можностите за унапредување на мултимедијалниот израз на медиумските продукти кои ги произведува во МИА, согласно новите медиумски текови и интереси на различните генерации на публиката. 

МИА и Мисијата на ОБСЕ во Скопје во во март потпишаа Меморандум за разбирање, чија главна цел е зајакнување на независното новинарство, првично со покренување на процесот за изработка на посебен закон за МИА, со кој ќе се уреди позиционирањето на медиумот во медиумскиот простор на Северна Македонија. Меморандумот беше потпишан од Антоновски и Вал, а поддршката на Мисијата е насочена кон зајакнување на капацитетите на МИА преку подобрување на нејзината функционална независност и обезбедување доволно ресурси, со цел граѓаните на земјава да бидат информирани и да добиваат проверени и точни вести. ац/са/

Фото: МИА

Остани поврзан