• среда, 27 ноември 2024

Заедно да се заложиме за рационално користење на водата

Заедно да се заложиме за рационално користење на водата
Скопје, 17 јануари 2021 (МИА) - Слатката вода е драгоцен, но ограничен ресурс, неопходен и незаменлив не само за одржување на животот, туку и од аспект на обезбедување на социјална добросостојба, економски просперитет и здравје на екосистемот. Ако се земат предвид и податоците од анализите направени во националните планови за климатски промени и предвидувањата дека се повеќе ќе се зголемуваат сушните периоди, водата станува се поскапоцен ресурс, за чие зачувување и паметно/одржливо користење ќе мора сите заедно да се заложиме. На европско ниво, како земја-кандидат за членство во Европската Унија, националното законодавство во управување со водите е хармонизирано со европската легислатива. Од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) за МИА информираат дека управувањето со водните ресурси претставува комплексен процес и подразбира управување со водите на интегриран и сеопфатен начин кој ги опфаќа сите мерки и активности за рационално и ефикасно користење на водите, одржливиот развој на водните ресурси, заштита на водите и заштита од штетно дејство на водите. Управувањето со водите е поделено на повеќе институции и различни ингеренции се делегирани на Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за земјоделство, водостопанство и шумарство, Министерството за здравство (Институтот за јавно здравје кое се грижи за квалитетот на водата за пиење и води за капење), Управата за хидрометеоролошки работи, (квалитет на реки и квантитет на води), локалните самоуправи и нивните комунални претпријатија (водостопански услуги) и други институции, како што се Центарот за управување со кризи, Дирекција за заштита и спасување, Хидробиолошки завод-Охрид. -Управувањето со водните ресурсири зазема едно од приоритетните места во работата на Министерството за животна средина и просторно планирање. Заштитата на водите и во самото Министерството е интерсекторска. Така, делот на управување со води е надлежност на Секторот за води, а делот на заштита на биодиверзитетот и водните еко-системи е опфатена и во работата на Секторот природа. Работата на Секторот за води главно е фокусирана во креирањето на политиките на водите во земјава и спроведувањето на националното законодавство за управување со водите на национално ниво. Во оваа насока го спроведува Законот за води со кој се уредени прашањата на површинските води (водотеци, езера, акумулации и извори) и подземни води, велат од МЖСПП за МИА. -На европско ниво, како земја-кандидат за членство во Европската Унија, националното законодавство во управување со водите е хармонизирано со европската легислатива. Конкретно, Рамковната директива за водите и другите релевантни европски директиви се спроведуваат и кај нас. На глобално ниво, МЖСПП работи на спроведување на светските глобални политики за води, спроведување на Агендата за одржлив развој 2020, односно на следење и постигнување на Стратешките развојни цели, конкретно целта 6 – вода и санитација, нагласуваат од МЖСПП. Додаваат дека истовремено се работи и на спроведување на Хелсиншката конвенција за меѓугранични води, Ахруската конвенција, ЕСПО конвенцијата и другите релевантни конвенции кои се поврзани со управувањето со водите. Во насока на спроведување на Законот за води, Секторот за води во просек годишно анализира и сработува повеќе од 1.000 предмети од кои најголем дел се дозволи за користење на вода, дозволи за испуштање во води, дозволи за вадење на песок, чакал и камен од речните корита (во правец на уредување на речните корита, а не за експлоатација), водостопански согласности. Во ингеренција на секторот вода е и водење на постапка за издавање на концесии за МХЕ и флаширање на вода, подготвување информации до Влада, издавање мислења по други владини информации, за концесии за минерални суровини, за крајбрежен појас и за ДУП-ови, одобрување на елаборати за заштитни зони и одобрување на оперативни планови за справување со поплави. Од ресорното министерство посочуват дека се реализираат повеќе тековни проекти. Во тек се реализација на донаторски проекти: изработка на план за управување со сливот на Црн Дрим (ГЕФ Проект), кој им за цел поддршка на заедничкото управување со сливот на Дрим, градење на консензус меѓу земјите (Република Северна Македонија, Република Албанија, Република Грција, Република Црна Гора и Косово) за клучните прашања во сливот, вклучувајќи ги и ефектите од климатските промени, зајакнување на техничките и професионалните капацитети и имплементација на пилот проекти. ГИЗ проектот „Адаптација кон климатските промени во прекуграничното управување со ризикот од поплави во Западен Балкан“ кој има за цел прелиминарна процена на ризикот од поплави во Дримскиот слив, продолжи да се спроведува и во текот на извештајниот период во Република Северна Македонија, Косово, Албанија и Црна Гора. УНДП проектот„ Подобрување на отпорноста од поплавите во Полошкиот регион“ кој има за цел да се подобри вклученоста на засегнатите страни во Полошкиот регион во справувањето со ризикот од поплави имајќи го предвид одржливиот и инклузивен раст на регионот и др. Заштита на езера Министерството има одредени ингеренции и за заштитата на езерата кои главно се прекуграничен ресурс и го делиме со некоја од соседните држави. Од аспект на управување со водите, во 2020 година за заштита на Охридското Езеро е интензивирана билатералната соработка со Албанија со цел спроведување на Договорот со Албанија за управување со Охридското Езеро, ревитализација на Билатералниот Комитет како тело за управување, и во моментов се разгледува предлог Планот за управување со Охридското Езеро. Од аспект на природа, од ресорното министерство соопштија дека се изработи Студија за валоризација на природните вредности на Охридското Езеро и ќе се отпочне изработката на Планот за управување на Охридското Езеро како заштитено подрачје во категорија Споменик на природата. Охридското Езеро заради своите природни вредности во 2020 година е номинирано за Рамсар подрачје. Во однос на Преспанското Езеро посочуваат дека изминатата година се вложи многу труд и работа на повеќе полиња поради сериозното намалување на водостојот кое падна до историскиот минимум. -Таквата состојба бараше низа брзи и координирани активности, вклучително и координација со Грција и Албанија како земји со кои ги делиме водите на ова уникатно природно езеро. Состојбата со Преспанското Езеро беше добар пример на интерсекторска соработка на повеќе институции во која МЖСПП ја имаше координативната улога, велат од МЖСПП. Започнат е процесот на номинација на членови на Преспа Парк Комитетот како тело за управување и за спроведување на Договорот со Грција и Албанија за Преспа паркот. Во насока на изнаоѓање на решение за проблемот со драстичното намалување на нивото на Преспанското Езеро беа формирани две експертски работни групи за хидрологија и биологија, кои го изработија Акцискиот план со итни мерки, кој е усвоен од Владата. Од аспект на заштита на природа, изработен е и нацрт план за управување со Преспанското Езеро. И за Дојранско Езеро, од аспект на заштитата на природни вредности се изработува План за управување за категорија споменик на природата. Од ресорното министерство напоменуваат дека од аспект на заштита на ЕУ видови и живелишта, МЖСПП ги идентификува сите три природни езера како потенцијални Натура 2000 подрачја. Годишна Програма за води МЖСПП секоја година  реализира годишна Програма за управување и заштита на води со кои обезбедува буџетски средства за реализација на инфраструктурни проекти за решавање на проблемот на водоснабдување, за одведување и пречистувањето на отпадните води. Дополнително се одвојуваат средства и за уредување на речните корите. Програмата за 2021 година веќе е објавена и со неа се планира изградба на водоснабдителен систем во општина Делчево, изградба на доводен цевковод-филтер станица во општина Тетово, каскадно уредување и поплочување на река Пена во општина Тетово, изградба на водоснабдителен систем во општина Липково, изградба на колектор и пречистителна станица во Дојран. Планирани се изградба на канализациска мрежа во општина Боговиње, изградба на колектори и фекални канализација во општина Гостивар, изградба на фекална канализација во општина Теарце и во општина Ново Село. -Посебно внимание и напори се вложуваат во изградбата на пречистителни станици кои се многу скапи инвестициски проекти за кои финансиски средства се обезбедуваат преку користење на ЕУ инструментот ИПА и друга меѓународна подршка. Во изминатиот период има позитивен тренд на прогрес во изградбата на постројки за третман на урбани отпадни води. Во период од 1978 до 2019 година во државава се изградени вкупно 51 пречистителна станица (ПС) со проектиран капацитет од 756 499 еквивалент жители, а во тек е реализација на проектот за изградба на колекторски систем и најголемата пречистителна станица во државава за Градот Скопје, информираат од МЖСПП. Во наредниот период се очекува да почнат низа проекти финансирани преку ИПА II инструментот: „Подобрена имплементација на Директивата за поплави во ЕУ преку хармонизација на националното законодавство и подготовка на планови за управување со ризици од поплави“, „Поддршка во спроведувањето на реформите во секторот за вода и новата тарифна методологија за водата“, „Развој и спроведување на Планови за управување со речни сливови (река Вардар, Црн Дрим и Струмица) со имплементациони мерки“, воспоставување на „Национален регистер на подземни води во Република Северна Македонија“... Како многу важен момент за заштита на водите, од МЖСПП го посочуваат процесот на утврдување и воспоставување на заштитни зони околу 12 водни тела, (зонирање и заштита на 10 водни тела) од кои заедно со Министерството за здравство до Владата беше доставен и усвоен предлогот за нови заштитни зони околу изворот Рашче. Во заштитата на водите голема улога има мониторингот и инспекторирањето Мониторингот на состојбите во животната средина, вклучително и водата во МЖСПП го спроведува Македонискиот информативен центар за животна средина. Податоците за состојбата на животната средина се достапни на национално ниво преку изготвување извештаи и индикатори за животната средина, а на меѓународно ниво преку доставување на податоци и информации за животната средина до Eвропската агенција за животна средина - ЕЕА и и други меѓународни организации според барањата на релевантните Директиви и други прописи на ЕУ. Изминатава недела објавен е новиот Извештај за состојбите во животната средина со индикаторски пристап 2020 година кој што е достапен на веб-страницата на Министерството на следниот линк: https://www.moepp.gov.mk/?page_id=2338 и во кој врз основа на посочени индикатори е направена анализа и на состојбите и на водите во државата, вклучувајќи ги достапните податоци и од сите надлежни институции. И според овој извешатај, клучни пораки во областа води се дека правилно и контролирано управување на водните ресурси е клучно во насока на обезбедување добра состојба (еколошка и хемиска) и/или потенцијал на површинските води и квантитативна и хемиска состојба на подземните води, дека е потребно обезбедување пристап до безбедна вода за пиење и капење и вода која би ги задоволила потребите на домаќинствата, индустријата, земјоделството, енергијата и др. За остварување на тие активности, според Извештајот, потребно е јасна дефинираност и поставеност на надлежностите за управување со водните ресурси, усогласување на националното законодавство со законодовството на Европата Унија, спроведување на плановите за управување со речни сливови, јакнење на системот за издавање на дозволи за користење на води и дозволи за испуштање во водите, како и на интерсекторката соработка и на јавната свест, но и засилени инспекциски контроли. -Ако се земе предвид дека во државава имаме само еден водостопански инспектор, повеќе од јасно е дека тој дел мора сериозно да се засили, велат од МЖСПП.   Од ресорното министерство информираат дека во континуитет работат на она што е нивна основна дејност - креирање добри политики и закони во областа на управување со водите. Планирање на капитални инвестиции за водоснабдување, одведување, собирање и третирање на отпадни води, како и за уредување на речните корита се планира преку повеќе финансиски инструменти, како што се буџетските програми и тоа: Програмата за инвестиции во животната средина и Програмата за управување со водите, ЕУ инструментот ИПА и друга меѓународна поддршка. Магдалена Ристоманов  

Остани поврзан