• вторник, 24 декември 2024

Заедничката историска комисија одлуките ги носи со консензус и се имплементираат реципрочно, вели Ковачевски

Заедничката историска комисија одлуките ги носи со консензус и се имплементираат реципрочно, вели Ковачевски
Скопје, 16 ноември 2022 (МИА) - Историските прашања се дел од работата на историската комисија и тоа е многу јасно наведено во преговарачката рамка, која што е направена врз основа на европскиот предлог за време на француското претседателство и одлуките во историската комисија се носат со консензус на 14 историчари – седум од Северна Македонија, седум од Бугарија и како такви се доставуваат до двете влади коишто можат да бидат имплементирани на реципрочна основа, изјави денеска премиер Димитар Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање за односите со Бугарија. Во однос на клубовите, Ковачевски, рече дека и кога се отворале клубови што носат имиња на личности коишто се поврзани со Третиот рајх тоа го осудил. - Сметам дека отворањето клубови што носат такви имиња воопшто не придонесуваат за градење на добрососедски односи помеѓу државите, а пред се помеѓу граѓаните на двете држави и секогаш е подобро да се користат имиња коишто поврзувале и доколку се работи за културни центри многу посоодветно е доколку се земат културни работници, писатели итн. од светот на културата, изјави Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања на заедничката прес-конференција со француската државна секретарка за Европа Лоранс Бун. Според Ковачевски, има уште една поопасна работа, а тоа е дека поддршката за клубовите не само што доаѓа од дел од бугарските политичари, тоа доаѓа и од македонската опозиција. - Бидејќи претседателот на македонската опозиција јасно кажа дека тој е континуитет на Ванчо Михајлов којшто Ванчо Михајлов е докажан соработник на Третиот рајх и на лидерите на Третиот рајх. И сметам дека дури и отворањето сигурно имало некаква поддршка во рамките на македонската опозиција па и се она што се случуваше после тоа, рече Ковачевски. Премиерот Ковачевски, исто така, посочи дека државата ќе испрати барање до бугарската Влада за отворање на Македонски културен центар во Благоевград исто како што сме отвориле во Софија, во Тирана и во други држави. - Ќе може да се негува македонската култура, македонската литература, која што ќе може да ја негуваат граѓаните коишто се самоопределуваат како Македонци, а секогаш во секоја држава има граѓани коишто се самоопределуваат на друг начин од мнозинското население, меѓутоа ќе можат и другите граѓани од други националности во тие клубови да се запознаваат со нашата култура, изјави Ковачевски. аа/нд/  

Остани поврзан