Заврши меѓународната обука за експерти на тема „Спорт за развој“
- Во Скопје денеска заврши петдневната меѓународна обука на експерти за спорт за развој во организација на „Германската олимписка спортска конфедерација“ и Македонски олимписки комитет што за п
Скопје, 3 септември 2022 (МИА) - Во Скопје денеска заврши петдневната меѓународна обука на експерти за спорт за развој во организација на „Германската олимписка спортска конфедерација“ и Македонски олимписки комитет што за прв пат се одржyва во Северна Македонија.
Обуката се реализирааше во соработка со Германското друштво за меѓународна соработка ( ГИЗ) и „Спорт за развој“ програмата, а присуствуваа 25 тренери од 10 држави од светот: Кенија, Етиопија, Колумбија, Уганда, Германија, Шпанија, Србија, Косово, Северна Македонија и Албанија.
- Обуката за првпат се одржа надвор од Германија и многу ми е драго што имавме одлична атмосфера за работа овде во Скопје за што упатувам благодарност до МОК и сите инволвирани во организацијата. Темите на кои се работеше, но и размената на искуства беа во фокус на обуката. Учењето се спроведе и преку работа во групи кои непосредно соработуваа и усовршија како да се имплементира спорт за развој во сите активности од спортот кои учесниците- тренери ги реализираат, но и како научените вештини да се поврзат со реалниот живот и секојдневието. Истовремено, задоволство беше да се работи со така компактна група со искуство и компетенции, иако потекнуваат од различни краеви на светот и носат различни традиции и вредности, изјави Каролин Браун, интернационална експертка во спорт за развој програмата.
Истакна дека покрај интензивната агенда за работа имале можност да ги посетат кањонот Матка, а реализирана е и тура низ Скопје со запознавање на знаменитостите и историјата.
- Целта на обуката е доусовршување и размена за методот „спорт за развој“, кој го нагласува влијанието на спортот и физичката активност во достигнување и остварување на целите за развој на Обединетите нации, а Северна Македонија беше одбрана во знак на одбележувањето 30 години германско-македонска соработка, рече Надица Јовановиќ, интернационална експертка спорт за развој.
На отворањето на настанот во понеделникот свои обраќања имаа директорот на Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) за Северна Македонија, Давид Оберхубер и генералниот секретар на МОК, Сашо Поповски. За време на одржување на обуката, активностите ги посети и учествуваше на една практична сесија Амбасадорката на Германија во Република Северна Македонија, Анке Гизеле Холштајн.
Оваа спортско-едукативна програма го користи спортот како алатка за развој на социјални и лични вештини: тимска работа, емпатија, соработка, комуникација, фер игра, доверба, самодоверба и други. ид/мс/