ЕФН: Владата на Јанша ја поткопува слободата на медиумите
- Европската федерација на новинари (ЕФН) утрово одржа прес-конференција по повод преземањето на претседателството со ЕУ од страна на Словенија за да предупреди за влошувањето на состојбата со
Брисел, 5 јули 2021 (МИА) - Европската федерација на новинари (ЕФН) утрово одржа прес-конференција по повод преземањето на претседателството со ЕУ од страна на Словенија за да предупреди за влошувањето на состојбата со слободата на медиумите во оваа земја, јави дописничката на МИА од Брисел.
Федерацијата заедно со други организации за слобода на медиуми објави детален извештај за Словенија во кој, меѓу другото, е даден примерот на државната агенција СТА, која со месеци е финансиски загрозена поради намалување на државните фондови.
Според медиумските организации ситуацијата со СТА е дел од обидите на Владата на Јанез Јанша да ги стави под контрола медиумите во Словенија преку законски и административни притисоци. Исти се обидите и со јавниот аудиовизуелен сервис, предупредува ЕФН.
- И покрај неодамнешната најава дека Владата конечно ќе исплати аванс од 845.000 евра за трошоците за 2021 година, останува сериозна загриженоста околу условувањето на овој договор и негативните последици врз независноста на Агенцијата. Сметаме дека Владата ова го прави само поради постојаните критики што ги доби поради своето делвање и потребата да ја реши ситуацијата пред да го преземе претседавањето со ЕУ, оценува Федерацијата на европски новинари.
Организациите за слобода на медиуми оценуваат дека самиот премиер Јанша поттикнува токсична јавна дебата со тоа што лично напаѓа и оцрнува новинари вклучително преку државни канали. Ова, предупредуваат организациите, води до директни закани врз фелата, а жените новинарки се посебно погодени.
- Позади сцената, напорите на СДС е на пат да го ограничи критичното новинарство во мејнстрим медиумите и да ја зајакне мрежата на партиски медиуми поврзани со Владата. Пропагандните медиуми се наградуваат со лукративни државни реклами, додека владините претставници се обидуваат да вршат притисок врз уредништвата и да го намалат критичното покривање во најголемите медиуми, стои во оценката на извештајот на ЕфН.
За ЕФН е јасно дека ова се истите тактики како и во Унгарија под Виктор Орбан, и се забележува зголемениот број на медиуми чиј капитал е поврзан за партијата на Орбан во поддршка на партијата на Јанша, СДС. тм/ми/