• петок, 21 март 2025

ЕК: На Украина и е исплатен заем од милијарда евра, кој ќе биде отплатен со приходите од замрзнатиот руски имот

ЕК: На Украина и е исплатен заем од милијарда евра, кој ќе биде отплатен со приходите од замрзнатиот руски имот

Брисел, 20 март 2025 (МИА) - Европската комисија денеска соопшти дека исплатила дополнителна транша од една милијарда евра од заемот за макрофинансиска помош за Украина, која ќе биде отплатена со приходите од замрзнатиот руски имот во Европската унија.

„Со денешната исплата од една милијарда евра, ја потврдуваме нашата цврста посветеност на Украина. Ние и помагаме на економијата на земјата да закрепне и да биде обновена критичната инфраструктура оштетена од руската агресија. Ќе продолжиме да ја поддржуваме Украина се додека е потребно“, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Поддршката ќе помогне за обнова на Украина по руските напади. Средствата ќе се користат за сегашна и идна воена поддршка, буџетски потреби и потреби за обновување, како и за обновување на критичната инфраструктура, како што се енергетските капацитети, водните системи, транспортните мрежи, патиштата и мостовите.

Денешната исплата е дел од иницијативата на Г7 која има за цел да обезбеди околу 45 милијарди евра финансиска поддршка за Украина до 2027 година.

Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Каја Калас рече дека поддршката на ЕУ за Украина мора да биде изразена со дејствија, особено со доставување муниција што му е потребна на Киев.

„Доколку ги слушате изјавите на лидерите, поддршката е многу голема, но треба да се види и со дела, во бројки, во реалната муниција што и е потребна на Украина. Затоа, навистина се надевам дека ќе продолжиме напред“, рече Калас пред денешниот Самит на ЕУ во Брисел.

За време на Самитот, Калас ќе претстави предлог за обезбедување два милиони артилериски гранати на Украина.

Германскиот канцелар во заминување Олаф Шолц изјави дека Европа мора да продолжи со силната поддршка за Украина, без оглед на тоа какви преговори се водат меѓу Вашингтон и Москва.

„Треба да ја продолжиме нашата поддршка со јасна позиција дека за Украина мора да биде возможен праведен мир. Тоа значи дека Украина може да ја брани својата независност и суверенитет, дека сама го избира својот пат и своите лидери и се разбира дека има силна армија во мирно време“, додаде Шолц пред состанокот на лидерите на ЕУ. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан