• петок, 22 ноември 2024

ЕУ ќе го зајакнува влијанието на истражувањето и иновациите во процесот на креирање политики

ЕУ ќе го зајакнува влијанието на истражувањето и иновациите во процесот на креирање политики

Брисел, 9 декември 2023 (МИА) - Советот на ЕУ усвои заклучоци со кои се предвидува зајакнување на влијанието и улогата на истражувањето и иновациите во процесот на креирање политики во рамки на Унијата. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, во заклучоците се посочени три примарни меѓусебно комплементарни димензии на влијанието на истражувањето и иновациите во креирањето политики. 

Првата димензија се однесува на придонесот на науката во зајакнување на креирањето политики, вклучувајќи го и нејзиното влијание за подобрување на животот на граѓаните и зацврстување на демократијата, втората, на резултатите од истражувањето и развојот врз регионалните и локални иновативни екосистеми, и третата, на импликациите врз клучните цели на политиките на Механизмот за обнова и отпорност (РРФ), вклучително и на родовата еднаквост. 

Според шпанската министерка за наука, иновации и универзитети Дијана Морант Рипол, доброто креирање политики е од суштинско значење за напредокот на истражувањето и иновациите, но тие исто така имаат фундаментално влијание за успехот на регулаторниот процес.  

- Зајакнувањето на придонесот на истражувањето и иновациите во креирањето политики е од корист на општеството како целина, има позитивно влијание врз планетата Земја, го подобрува животот на граѓаните и ја зајакнува демократијата, истакна Морант Рипол, чија земја е актуелен претседавач на ЕУ. 

Во однос на првата димензија, целта е да се подобри креирањето политики со вклучување на научните докази и знаења во регулаторниот процес и со подобрување на кохерентноста на иницијативите на политиките во различни области. Се очекува со користењето на научните сознанија ЕУ и нејзините земји членки да бидат поподготвени да одговорат на предизвиците кои имаат значително социо-економско влијание, како што се економски кризи и пандемии. 

Во делот на регионалните екосистеми, истражувањето и развојот треба да придонесат за дизајнирање на одлуки кои ќе создадат подобра синергија помеѓу кохезивната политика и европските фондовите во поддршка на регионалните центри на извонредност и олеснување на прекугранична соработка. 

Третата димензија поврзана со Механизмот за обнова и отпорност (РРФ) се однесува на активности на национално ниво со наменски инвестиции и реформи насочени кон остварување на клучните цели на ЕУ. 

Заклучоците се усвоени на предлог на шпанското Министерството за наука, иновации и универзитети, како еден од приоритетите на претседавањето на Шпанија со ЕУ во областа на истражувањето и иновациите. сп/мс/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан