• среда, 25 декември 2024

ЕУ подготвува измени на правилата за долгорочен престој на државјани од трети земји 

ЕУ подготвува измени на правилата за долгорочен престој на државјани од трети земји 

Брисел, 24 ноември 2023 (МИА) - Комитетот на постојани претставници земјите членки на ЕУ ги утврди ставовите на Европскиот совет во однос на предложените измени на Директивата за жителство, во делот на регулирање на условите под кои државјани на трети земји можат да добијат дозвола на долгорочен престој во Унијата. 

Според шпанскиот министер за внатрешни работи Фернандо Гранде-Марласка Гомез можноста за добивање дозвола за престој на подолг рок е од суштинско значење за оние кои легално живеат во ЕУ.  

- Тоа претставува важен стимул за студирање или работење, како и целосно интегрирање во нашите општества, потенцира Гомез. 

Согласно Директивата, за добивање на дозвола за долгорочен престој во ЕУ, државјаните на трети земји треба легално и континуирано да престојуваат во земја членка најмалку пет години. Со предложените измени се овозможува акумулирање на периодот на живеење во членките на ЕУ, така што во неопходните пет години престој за добивање на дозволата во една земја ќе може да се смета и легалното престојување до две години во друга членка на блокот. При тоа, како важечки легални документи единствено се прифаќаат т.н. „Европска сина карта“, односно Единствената дозвола (за престој и работа), и Дозволата за работа на висококвалификуван кадар.  

Покрај оваа измена, за добивањето на дозвола за долгорочен престој апликантите по потекло од трети земји ќе мора да докажат дека имаат стабилни и редовни приходи кои се доволни за да овозможат издржување за себеси и за членовите на нивното семејство, како и здравствено осигурување.  

Дополнително, на членките на ЕУ им се остава правото од државјаните на трети земји да бараат почитување на условите за интеграција во општеството. 

Добиената дозвола за долгорочен престој во ЕУ се предвидува да биде трајна, но може да биде одземена доколку лицето одреден временски период повеќе не живее во Унијата. 

Лицата кои имаат дозвола за долгорочен престој во ЕУ ги уживаат истите права како и државјаните на Унијата во однос на пристапот до вработување, образование и стручна обука и даночни бенефиции. сп/

Фото: ЕУ

Остани поврзан