• среда, 27 ноември 2024

ЕУ планира сили за брза интервенција до 2025 година

ЕУ планира сили за брза интервенција до 2025 година
Брисел, 16 ноември 2021 (МИА) - Европската унија планира да формира заеднички воени сили од 5.000 војници до 2025 година, кои би можеле да интервенираат во серија кризи без да се потпираат на САД, според нацрт-планот. Европскиот капацитет за брзо распоредување ќе се состои од копнени, поморски и воздушни сили кои би можеле да ја заменат секоја постојана сила во зависност од кризата, според доверливиот документ од 28 страници од 9 ноември. Европските министри за надворешни работи и за одбрана почнаа да разговараат за планот во Брисел во понеделникот вечерта и продолжија денеска, а конечниот документ треба да биде објавен до март следната година. Словенечкото претседателство со ЕУ објави дека реакциите на владите на земјите-членки се позитивни, но исто така истакна дека постои традиционална поделба меѓу членките фокусирани на Русија и оние кои се загрижени за терористичките напади и нестабилноста на јужното крило на Унијата. „Првите впечатоци се добри. Секако, треба да се разработат деталите“, изјави словенечкиот министер за одбрана Матеј Тонин. Две децении откако европските лидери се согласија да формираат сили од 50.000 до 60.000 војници, кои, сепак, никогаш не станаа оперативни, нацрт-стратегијата подготвена од европскиот министер за надворешни работи Жозеп Борел е убедливо најконкретниот обид за формирање независни европски воени сили кои нема да се потпираат на САД. паг/  

Остани поврзан