• недела, 21 декември 2025

ЕУ го осуди последниот бран на насилство во јужна Сирија 

ЕУ го осуди последниот бран на насилство во јужна Сирија 

Брисел, 8 мај 2025 (МИА) - Европската Унија остро ги осудува насилните напади и серијата судири што резултираа со значителен број жртви во јужна Сирија во последните денови, соопшти Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС). 

- ЕУ повикува на прекин на насилството низ целата земја, непречено доставување хуманитарна помош и почитување на меѓународното хуманитарно право и на човековите права во сите околности, се наведува во соопштението. 

ЕЕАС повика и на брза, транспарентна и непристрасна истрага за да се обезбеди дека извршителите на овие напади ќе бидат изведени пред лицето на правдата, а на релевантните механизми на ОН и организациите на граѓанското општество да им се дозволи пристап до овие локации за да придонесат за утврдување на фактите. 

- Овие инциденти дополнително ја нагласуваат потребата транзициските власти да ја исполнат својата одговорност за одржување на редот и заштита на населението низ цела Сирија. Ова е исто така е потсетник за итноста на напорите за транзициска правда и помирување, како единствен пат напред кон мирна и инклузивна транзиција. ЕУ е подготвена да ја поддржи Сирија во овие напори, се додава во соопштението. 

Во него натаму се нагласува и дека ЕУ ги повикува сите надворешни актери целосно да го почитуваат единството, суверенитетот и територијалниот интегритет на Сирија, особено во однос на „неодамнешните напади и упади од страна на Израел, кои ризикуваат да ја поткопаат стабилноста, да ги влошат секташките тензии и да ја загрозат транзицијата“, при што им се порачува на израелските власти да ги почитуваат условите од Договорот за повлекување на силите од 1974 година. 

- ЕУ останува посветена на поддршка на мирна и инклузивна транзиција, ослободена од штетно надворешно мешање, која ги гарантира правата на сите Сиријци без никаква разлика, се додава во соопштението на ЕЕАС. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан