• сабота, 23 ноември 2024

ЕСЧП им додели 1,6 милиона евра отштета на поранешниот бугарски крал Симеон II и неговата сестра

ЕСЧП им додели 1,6 милиона евра отштета на поранешниот бугарски крал Симеон II и неговата сестра

Стразбур, 2 мај 2023 (МИА) -  Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) денеска пресуди дека Софија треба „привремено“ да му плати повеќе од 1,6 милиони евра на поранешниот бугарски крал Симеон Втори и неговата сестра, затоа што се спречени во комерцијалното користење на шумско земјиште.

Бугарија „на тужителите треба да им плати 1.635.875 евра материјална отштета“, се наведува во соопштението на судот, кој веќе ја осуди Софија за овој случај во септември 2021 година.

Судот од Стразбур, каде што тужбата ја поднесоа Симеон Борисов од Саксобурготски и Марија-Луиза Борисова Хробок, поранешната принцеза, тогаш едногласно одлучи дека Бугарија го прекршила нивното право на заштита на сопственост и правично судење.

Одлуката е донесена поради мораториумот за пренос и комерцијалното користење на вратениот имот, што се однесува на шумско земјиште и е воведен во 2009 година и се уште е во сила, наведуваат од судот.

Целиот имот на круната во 1947 година преминал во рацете на државата, кога комунистите ја прогласиле Бугарија за република. Но, во 1998 година беше оценето дека овој пренос е против правото на сопственост, па поранешниот крал и неговата сестра побараа враќање на имотот. Ова беше направено за повеќето имоти, но во тоа време беше воведен мораториум.

Во својата прва одлука, судот го остави прашањето за праведен надомест во очекување на договор меѓу двајцата тужители и бугарската држава.

Но, речиси две години по првата одлука донесена во 2021 година, постапката се уште е во тек пред бугарските судови, а ЕСЧП повторно пресуди во корист на поранешниот крал и неговата сестра и ја потврди нивната проценка за загубата со тоа што им додели „привремено“ повеќе од 1,6 милиони евра до завршување на постапката во Бугарија.

Симеон II. бил крал само неколку години кога бил дете. Роден е во 1937 година, а на тронот се искачи во 1943 година по смртта на неговиот татко. Тој ја напушти земјата во 1946 година и се врати од егзил во 1996 година без да се откаже од бугарското државјанство.

Тој е единствениот поранешен европски крал кој стана премиер во својата земја. Тој беше умерен либерал и ја водеше владата од 2001 до 2005 година. сд/

 

Остани поврзан