Еслами нареди активирање на нова серија центрифуги како одговор на резолуцијата на МААЕ
- Директорот на иранската организација за атомска енергија, Мохамед Еслами, нареди активирање на нова и напредна серија центрифуги како одговор на резолуцијата усвоена од Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), која го критикуваше Техеран за, како што рече, недостиг на соработка.
Техеран, 22 ноември 2024 (МИА) - Директорот на иранската организација за атомска енергија, Мохамед Еслами, нареди активирање на нова и напредна серија центрифуги како одговор на резолуцијата усвоена од Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), која го критикуваше Техеран за, како што рече, недостиг на соработка.
Организацијата за атомска енергија на Иран (АЕОИ) во заедничко соопштение со иранското Министерство за надворешни работи наведува дека одлуката на Управниот одбор на МААЕ е донесена под притисок на европската тројка, која ги вклучува Велика Британија, Германија и Франција и САД, опишувајќи го овој пристап како „деструктивен“.
Министерството и Агенцијата истакнуваат дека таквиот деструктивен пристап негативно ќе влијае на позитивната атмосфера меѓу Иран и МААЕ, како и на договорите меѓу двете страни.
„Јасно е дека овие мерки се преземени со цел да се заштитат интересите на земјата и натамошниот развој на мирољубивата нуклеарна индустрија, во согласност со растечките национални потреби и во рамките на правата и обврските на Иран според Договорот за сеопфатни заштитни мерки“, се вели во соопштението.
Истовремено, во заедничкото соопштение се потврдува дека „техничката и заштитната соработка со МААЕ ќе продолжи, како и во минатото, во рамките на Договорот за заштитни мерки“.
Исто така, се додава дека „Иран останува подготвен за конструктивен ангажман со релевантните страни врз основа на меѓународните правни принципи и стандарди“ и нагласува дека „принципиелната политика на заштита на правата и интересите на големата иранска нација и развој на мирољубива и автохтона нуклеарна програма ќе продолжи со сериозност“.
Генералниот директор на МААЕ, Рафаел Гроси, на 14 ноември во Техеран разговараше со иранските власти за иранската нуклеарна програма. Гроси се сретна со иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи, кој во 2015 година беше главен преговарач на Иран во преговорите со големите сили. Арагчи на платформата Х објави дека е постигнат договор „да се дејствува храбро и со добра волја“.
Разговорите се сметаат за една од последните шанси за дипломатија пред Доналд Трамп да се врати во Белата куќа. За време на неговиот прв мандат, Трамп водеше политика на „максимален притисок“ врз Иран, вклучително и повторно воведување на санкциите кон Техеран, укинати како дел од договорот од 2015 година со големите сили. паг/
Фото: ЕПА