• среда, 27 ноември 2024

ЕП ги одобри новите правила за борба против трговијата со луѓе 

ЕП ги одобри новите правила за борба против трговијата со луѓе 

Брисел, 23 април 2024 (МИА) - Европскиот парламент денеска со 563 гласа „за“, седум „против“ и 17 „воздржани“ ги одобри измените на законската регулатива за спречување и борба против трговијата со луѓе и заштита на нејзините жртви. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, со измените се проширува опсегот на досегашните мерки за борба и спречување на трговијата со луѓе и се нуди подобра поддршка на нејзините жртви, со што на ниво на ЕУ се предвидуваат построги санкции за работната и сексуалната експлоатација и се криминализираат принудните бракови, незаконското посвојување деца и искористувањето на сурогат мајчинството. 

Според коизвестувачката за законот, шпанската европратеничка од редовите на Левицата,  Еухенија Родригез Палоп, трговијата со луѓе денес стана пософистицирана и ресурсите со кои располагаше ЕУ беа недоволни за справување со неа, па затоа се јави потреба за измена на Регулативата за борба и спречување на оваа криминална појава. 

- Треба да можеме да ги пронајдеме жртвите и да ги заштитиме и поддржиме. Трговијата со луѓе е тортура, сторителите мора да платат за она што го направиле, а жртвите мора да добијат компензација и надомест за нивното страдање, додаде Родригез Палоп.  

Нејзината колешка коизвестувачка и сопартијка, шведската европратеничка Малин Бјорк оцени дека со измените ќе се зголемат правата на жртвите на трговијата со луѓе и ќе се намали сексуална експлоатација.  

- Започнавме промена и сега земјите членки мора да го искористат максимумот од оваа директива и да се погрижат жените и девојките да не се купуваат и продаваат низ Европа, истакна Бјорк. 

Со новите мерки се предвидува и соодветна поддршка за жртвите на трговија со луѓе, нивно безбедно сместување и се гарантира нивното право за аплицирање за азил, а на обвинителствата им се овозможува да не ги гонат лицата кои биле принудени да вршат кривични дела без разлика дали соработуваат во истрагата или не. 

На жртвите на трговија со луѓе со попреченост и на деца без придружба им се гарантира соодветна поддршка, вклучително и назначување старатели. 

Новите правила воведуваат и можност за санкционирање на лица кои користеле услуги од жртви на трговија со луѓе, иако знаеле дека тие се експлоатирани. 

Исто така, се предвидува и можност на компании вклучени или поврзани со трговија со луѓе да не им се дозволи учество на државни тендери, како и од нив да се бара враќање на исплатените јавна помош или субвенции. 

Измените дозволуваат при изрекувањето на казни како отежнувачка околност да се смета неконсензуалното ширење на приватни фотографии или видеа со сексуални содржини. 

Новите правила сега треба да ги одобри Советот на ЕУ и тие ќе стапат во сила 20 дена по објавувањето во Службениот весник на Унијата, по што земјите членки имаат рок од две години да ги имплементираат во националните законодавства. сп/

Фото: МИА Архива

 

Остани поврзан