• вторник, 24 декември 2024

ЕК усвои мерки за ограничување на употребата на микропластиката  

ЕК усвои мерки за ограничување на употребата на микропластиката  

Брисел, 26 септември 2023 (МИА) – Европската комисија усвои нови правила за ограничување на намерното додавање на микропластика во производите што се продаваат во ЕУ, како уште еден чекор кон заштита на животната средина во Унијата.  

Како што соопшти ЕК, новите правила треба да спречат исфрлање како отпад на околу половина милион тони материјали и препарати со микропластика и со нив се забранува нејзината продажбата, како и на производи во кои таа намерно е додадена. Исклучок е доволен само кога примената на миропластика во производите е оправдана. 

Со регулативата на засегнатите страни им е оставен преодни период за прилагодување кон новите правила. 

Во документот под поимот микропластика се подразбираат сите синтетички полимерни честички под пет милиметри, кои се органски, нерастворливи и отпорни на разградување, како зрнестиот материјал што се користи на вештачки спортски површини, средствата што се користат во козметиката за пилинг или за добивање специфична текстура, мирис или боја, како и компоненти на детергенти, омекнувачи, ѓубрива, производи за заштита на растенијата, играчки, лекови и медицински помагала. 

- Целта е да се намалат емисиите на намерна микропластика од што е можно повеќе производи, посочува Еврокомисијата. 

Дополнително, согласно правилата, производите што се користат во индустриски погони или што не испуштаат микропластика за време на користењето, се исклучени од забраната за продажба, но нивните производители ќе треба да дадат упатства за нивно користење и за начинот на исфрлање на производот за да се спречат емисиите на микропластика. 

Овие правила се во рамки на одредбите од Европскиот зелен договор, како и од новиот Акциски план за циркуларна економија, со што е поставена цел за намалување на загадувањето со микропластика за 30 проценти до 2030 година. 

Според анализа на Европската агенција за хемикалии (ЕЦХА), микропластиката намерно додадена на одредени производи се ослободува во животната средина на неконтролиран начин, поради што се препорачува ограничување на нејзината употреба. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан