ЕК и „Епл“ постигнаа договор околу на користењето на „мобилни паричници“ на АјФоните
- Европската комисија реши да ја прекине истрагата започната против „Епл“ поради сомневање за незаконско ограничување на конкуренцијата за „мобилните паричници“ на смартфоните АјФон, откако компанијата прифати да преземе обврски за отстранување на ваквите сомнежи, соопшти денеска извршната потпретседателка на ЕК за Европа прилагодена на дигиталната ера и еврокомесарка за конкурентност Маргарете Вестагер.
Брисел, 11 јули 2024 (МИА) - Европската комисија реши да ја прекине истрагата започната против „Епл“ поради сомневање за незаконско ограничување на конкуренцијата за „мобилните паричници“ на смартфоните АјФон, откако компанијата прифати да преземе обврски за отстранување на ваквите сомнежи, соопшти денеска извршната потпретседателка на ЕК за Европа прилагодена на дигиталната ера и еврокомесарка за конкурентност Маргарете Вестагер.
Таа нагласи дека ЕК ја започнала истрагата поради загриженоста дека „Епл“ создал затворен систем во своите уреди и нивните оперативни системи со кои го ограничува пристапот до одредени услуги, меѓу кои и до апликациите за мобилно плаќање, односно т.н. мобилни паричници, преку кои се овозможува плаќање со мобилни телефони во продавници и онлајн, но и користење на други услуги како добивање картички за лојалност, набавка на билети за настани и патувања или обезбедување документи за дигитален идентитет.
- Нашето прелиминарно откритие беше дека „Ајфон“ ја злоупотребува својата доминантна позиција, ограничувајќи го пристапот до технологијата потребна за плаќање со АјФон уредите, истакна Вестагер, посочувајќи дека во последните четири години употребата на „мобилните паричници“ во Европа е тројно зголемена.
Според Вестагер, наместо стандардната бесплатна технологија за мобилно плаќање НФЦ, „Епл“ на неговите уреди овозможувал плаќање само преку апликацијата „Допри и оди“ на „Епл плај“, со што го ограничува користењето на други „мобилни паричници“.
- Со исклучувањето на другите, „Епл“ незаконски го заштити сопствениот „мобилен паричник“ од конкуренцијата... Тоа исклучување на конкуренцијата на пазарот, може да има негативно влијание врз иновациите. Ова намалување на изборот и иновативноста е штетно. Тоа е штетно за потрошувачите и е нелегално според правилата за конкурентност на ЕУ, додаде Вестагер.
Таа информира дека за отстранување на оваа загриженост на ЕК, „Епл“ понудил сет на обврски кои биле внимателно разгледани и по консултација со многу банки, производители на апликации, издавачи на платежни картички и финансиски здруженија, Комисијата побарала од компанијата подобрување на понудените решенија.
- Потоа „Епл“ понуди подобрени решенија и еве сме денеска прогласувајќи ги овие решенија за обврзувачки за „Епл“, истакна Вестагер.
Согласно преземените обврски, „Епл“ прифаќа да овозможи функционалност на конкурентските „мобилни паричници“ на АјФоните, да дозволи пристап до важните функции на овие уреди и да им овозможи на корисниците да го инсталираат избраниот „мобилен паричник“ како стандардна опција. „Епл“ има рок да ги спроведе овие обврски најдоцна до 25 јули.
- Обврските би останале во сила десет години. Усогласеноста на „Епл“ ќе биде контролирана и ќе има механизам за брзо решавање на спорови, кој, исто така, ќе овозможи независен преглед на имплементацијата од страна на „Епл“. Со ова завршува нашата истрага, нагласи Вестагер.
Таа информира дека поддршка на овие задолженија на „Епл“ дала и Европската централна банка, посочувајќи дека тие не се во спротивност со евентуални понатамошни обврски што може да се применуваат во рамките на употребата на дигиталното евро.
- „Епл“ има обврски според Законот за дигитални пазари, кој бара од „чуварите на портата“ да обезбедат ефикасна интероперабилност со хардверските и софтверските карактеристики што ги користат во нивните системи. Ова вклучува и пристап до НФЦ технологијата за мобилни плаќања... Отсега, „Епл“ повеќе не може да ја користи својата контрола врз системот на АјФон уредите за спречување на користењето на другите мобилни паричници. Од овие промени корист ќе имаат и производителите на конкурентските паричници, но и потрошувачите, а плаќањата ќе бидат безбедни, потенцира Вестагер. сп/
Фото: МИА Архива/Скриншот