• среда, 08 јануари 2025

Европски филмови за деца и тинејџери во киното „Манаки“ во рамки на офф-програмата на „Бит Фест 2022“

Европски филмови за деца и тинејџери во киното „Манаки“ во рамки на офф-програмата на „Бит Фест 2022“
Скопје, 12 септември 2022 (МИА) - Четири филмови наменети за тинејџерската и детската публика од утре до 16 септември ќе се прикажуваат во киното „Манаки“ во Битола во рамките на офф-програмата на битолското културно лето „Бит Фест 2022“. Филмовите, како што информира дистрибутерската куќа „Катавеј“, опфаќаат различни теми кои отвораат нови видици на децата во области кои би го задоволиле нивното љубопитство како тајните на вселената, екологија и слично за најмладите, како и проблемите на тинејџерите во модерното општество: oсаменоста, прифаќањето на различните од себе, булинг... Станува збор за четири филмски наслови од европска продукција. Сите проекции се од 19 часот, а влезот е слободен. Првата проекција е закажана за утре, во 19 часот, со италијанско/австриско/швајцарската копродукција „Вселенското момче“ во режија на Оливие Перу.  Филмот е за 11-годишниот Џим со пасија за вселената и науката. Филмот ја освои главната награда на интернационалниот детски и младински фестивал во Бусан. На 14 септември ќе биде прикажана германската детска авантура „Рока го менува светот“, во режија на Катја Бенрат. Проекцијата на италијанскиот филм „Брат ми брка диносауруси“, во режија на Стефано Ципани - најдобар филм за млада публика на Европската филмска академија во 2020 година ќе биде на 15 септември. Последната проекција, на 16 септември, е на шведската комедија „Брит Мари беше тука“, во режија на Тува Новотни. Проекциите ги организира продукциската и дистрибутерска куќа „Катавеј“ од Скопје, која последните шест години прикажува филмови наменети за помладата публика, во соработка со ЈОУ КИЦ Битола. Проектот е поддржан од Општина Битола во рамките на офф-програма на „Бит фест 2022“. мд/са/

Остани поврзан