• понеделник, 16 декември 2024

Европската комисија „Фон дер Лајен 2“ стапува на должност 

Европската комисија „Фон дер Лајен 2“ стапува на должност 

Брисел, 1 декември 2024 (МИА) - Новата Европска комисија на Урсула фон дер Лајен денеска официјално ја презема должноста, со што почнува да тече нејзиниот петгодишен мандат.   

Комисијата формално беше именувана од страна на Советот на ЕУ во четвртокот со мандат за периодот од 1 декември 2024 до 31 октомври 2029 година, откако ден претходно таа беше одобрена од Европскиот парламент со 370 гласа „за“, 282 „против“ и 36 „воздржани“. 

Еврокомисијата ја сочинуваат 27 члена – по еден од секоја земја-членка на ЕУ – претседателката, шестмина потпретседатели и 20 еврокомесари  и тоа: 

1.      Урсула фон дер Лајен (Германија) – претседателка;  

2.      Каја Калас (Естонија) – извршна потпретседателка и висока претставничка на Унијата за надворешни работи и безбедносна политика;    

3.      Рафаеле Фито (Италија) – извршен потпретседател за кохезија и реформи и еврокомесар кохезивна политика, регионален развој и градовите; 

4.      Роксана Манзату (Романија) – извршна потпретседателка за луѓето, вештини и подготвеност и еврокомесарка за вештини, образование, култура, квалитетни работни места и социјални права; 

5.      Хена Марија Виркунен (Финска) – извршна потпретседателка за технолошка сувереност, безбедност и демократија и еврокомесарка за дигитални технологии; 

6.      Стефан Сежурне (Франција) – извршен потпретседател за просперитет и индустриска стратегија и еврокомесар за индустрија, мали и средни претпријатија и единствениот пазар;    

7.      Тереза Рибера Родригез (Шпанија) – извршна потпретседателка на чиста, праведна и конкурентна транзиција и еврокомесарка за политиката на конкурентност, 

8.      Магнус Брунер (Австрија) – еврокомесар за внатрешни работи и миграција; 

9.      Хаџа Лабиб (Белгија) – еврокомесарка за подготвеноста, справување со кризи и еднаквост;  

10.   Екатерина Гечева-Захариева (Бугарија) – еврокомесарка за старт-апи, истражување и иновации;    

11.   Апостолос Sиsикостас (Грција) – еврокомесар за транспорт и туризам; 

12.   Ден Јоргенсен (Данска) – еврокомесар за енергија и домување; 

13.   Мајкл Мекграт (Ирска) – еврокомесар за демократија, правда и владеење на правото; 

14.   Костас Кадис (Кипар) – еврокомесар за рибарство и океани; 

15.   Валдис Домбровскис (Летонија) – еврокомесар за економија, продуктивност, имплементација и поедноставување; 

16.   Андриус Кубилиус (Литванија) – еврокомесар за одбрана и Вселената;  

17.   Кристоф Хансен (Луксембург) – еврокомесар земјоделство и храна; 

18.   Глен Микалеф (Малта) – еврокомесар меѓугенерациска правичност, култура, млади и спорт;   

19.   Пјотр Аркадиуш Серафин (Полска) – еврокомесар за буџет, борба против измами и јавна администрација; 

20.   Марош Шефчович (Словачка) – еврокомесар за трговија, економска безбедност, меѓуинституционални односи и транспарентност; 

21.   Марта Кос (Словенија) – еврокомесарка за проширување; 

22.   Оливер Вархеји (Унгарија) – еврокомесар за здравје и благосостојба на животните;  

23.   Вопке Бастијан Хукстра (Холандија) – еврокомесар за клима, нето нула емисии и чист раст; 

24.   Дубравка Шуица (Хрватска) – еврокомесарка за Медитеранот; 

25.   Јозеф Сикела (Чешка) – еврокомесар за меѓународни партнерства; 

26.   Марија Луиш Казанова Моргадо Диаш де Албукерки (Португалија) – еврокомесарка за финансиски услуги, штедење и инвестиции; и 

27.   Јесика Розвол (Шведска) – еврокомесарка за животна средина, отпорност на водите и конкурентна циркуларна економија. 

Новата комисија има 11 жени и 16 мажи. Според политичка провиниенција, 14 припаѓаат на партии членки на Европската народна партија (ЕПП), по четворица од Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД) и либералниот блок Да ја обновиме Европа, еден од алијансата Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР), а четворица не се членови на ниту една партија. 

При претставувањето на кандидатите за челнови на Колеџот на комесари, Фон дер Лајен најави дека прва голема иницијатива на новата Комисија ќе биде „Компасот за конкурентност“, кој ќе се базира на три столба - намалување на јазот во иновациите со САД и Кина, потоа декарбонизацијата и зајакнувањето на конкурентноста, како и зголемување на безбедноста и намалување на зависноста.  

Таа порача дека борбата за слобода „не поврзува како Европејци“ и е причина за создавањето на Европската Унија, а денес станува нејзина движечка сила повеќе од кога било досега.   

- Оваа борба за слобода не се однесува само на нашите 27 земји членки. Сонот за Европа се протега до Западниот Балкан, до Украина, до Молдавија и пошироко. Ја видовме храброста на народот на Украина во продолжувањето на нивниот европски пат. Ја видовме издржливоста на народот на Молдавија да се држи до својата европска иднина. Ја видовме посветеноста на Западниот Балкан да се реформира, да расте и да се подготви да се приклучи на нашата Унија, нагласи Фон дер Лајен.   

Според неа, целиот Колеџ на комесари ќе биде посветен на конкурентноста и зајакнување на технолошкиот суверенитет, безбедност и демократија и градење конкурентна, декарбонизирана и циркуларна економија со фер транзиција за сите, како и дизајнирање храбра индустриска стратегија со иновации и инвестиции, зајакнување на европската кохезија и региони и поддршка на луѓето, вештините и европскиот социјален модел.   

- Целта е да се гарантира дека Европа може да ги наметне своите интереси и да биде лидер во светот, истакна Фон дер Лајен.  

Таа потенцира дека секој член на ЕК е еднаков и секој комесар има еднаква одговорност да ги исполни поставените приоритети, но и дека сите тие мора да работат заедно.  

- Овој тим е навистина европски. Претставува различни народи и генерации. Имаме поранешни премиери и министри, градоначалници и локални функционери. Некои биле извршни директори, а други работеле за непрофитни организации. Некои биле новинари и сопственици на бизниси. Други се биолози или физичари. Некои се од руралните средини и земјоделскиот сектор, а други од нашите големи градови. Некои преживеаја војни, други транзиција кон демократија. Горда сум што овој тим е толку разновиден на многу начини, додаде Фон дер Лајен. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан