• сабота, 23 ноември 2024

Европратеничка ќе иницира воведување посебни возачки дозволи за управување со СУВ возилата

Европратеничка ќе иницира воведување посебни возачки дозволи за управување со СУВ возилата

Брисел, 12 септември 2023 (МИА) - Француската европратеничка Карима Дели од редовите на партијата Европа Екологија Зелени (ЕЕЛВ) планира да иницира воведување на посебни возачки дозволи за управување на СУВ возилата, како дел од напорите за намалување на емисиите на штетните гасови што тие ги испуштаат, но и за зголемување на безбедноста на пешаците, велосипедистите и возачите на помали автомобили. 

- СУВ возилата не само што заземаат повеќе простор и се помалку енергетски ефикасни, туку и во однос на безбедноста на патиштата има поголема веројатност тие да бидат предмет на несреќи со многу посериозни последици, отколку полесните патнички автомобили, наведува Дели во својот предлог. 

Таа смета дека Б возачката дозвола, која е неопходна за управување автомобили и комбиња „не е целосно погодна за тешките патнички возила“, па затоа треба да се воведе посебна Б+ дозвола, што ќе важи за управување автомобили и комбиња со тежина од над 1,8 тони. Право на ваква Б+ дозвола, според идејата на Дели, би имале возачи кои најмалку две години поседуваат Б возачка дозвола и се постари од 21 година. 

Европратеничката во нејзиниот предлог, сепак, предвидува исклучоци за професионални возачи и за оние кои управуваат возила за специјални намени, како возилата за Брза помош. 

Дили, исто така, предлага и воведување на систем за возачки дозволи заснован на бодови на ниво на ЕУ, со кој би се водела евиденција за сообраќајните прекршоци и на одреден број казнени бодови дозволите би се одземале или суспендирале.   

- Таквиот систем има потенцијал да го намали бројот на несреќи и смртни случаи на нашите патишта, наведува Дели. 

Во ЕУ засега не постои единствен систем за казнени поени или забрани за возење, иако во пакетот мерки за зголемување на безбедноста на патиштата, што во март го предложи Еврокомисијата, се предвидува забрана за управување возила на ниво на целата Унија за сторителите на сериозни сообраќајни прекршоци. сп/јт/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан