• среда, 27 ноември 2024

Еврокомисијата најави план за воведување европска диплома 

Еврокомисијата најави план за воведување европска диплома 

Брисел, 27 март 2024 (МИА) - Европската комисија денеска презентираше три иницијативи за унапредување на транснационалната соработка меѓу високообразовните институции во ЕУ, со крајна цел воведување на единствена европска диплома.  

Станува збор за пакет што содржи Информација за план за европска диплома и два предлози за поддршка на високообразовниот сектор - за подобрување на процесите за квалитетно и автоматското признавање на дипломите во високото образование и за обезбедување на попривлечни и одржливи академски кариери. 

Најавувајќи го предлог-пакетот, потпретседателот на ЕК за промоција на европскиот начин на живот Маргаритис Схинас истакна дека образованието претставува „клучен градежен материјал“ на европскиот начин на живот и на посветеност на помладите генерации.  

- Нашите универзитети обезбедуваат дипломци со стратешки вештини неопходни за нивната иднина и служат како светилници на европскиот бренд на академска извонредност, изјави Схинас на прес-конференцијата на која заедно со еврокомесарката за иновации, истражување, култура, образование и млади Илијана Иванова ги претставија трите иницијативи.   

Според Схинас, следниот чекор во овој процес ќе биде воспоставувањето на европска диплома, што ќе ги поттикне универзитети во ЕУ на соработка во корист на студентите, професорите, работодавците и конкурентноста на Европа. 

Иванова, од своја страна, истакна дека со планот за воведување европска диплома, ЕУ одговара на потребите на студентите, универзитетите, идните работодавци на денешните студенти, како и на Европа во целина.  

- Нашата визија е да го направиме европското високо образование уште поконкурентно и меѓусебно поврзано и да го зацврстиме местото на Европа во глобалната трка за таленти, додаде Иванова.  

Според ЕК, европската диплома би била од корист за студентите и високообразовната заедница преку зајакнување на мобилноста во образованието во рамките на ЕУ и преку подобрување на вештините на студентите, а во исто време би помогнала да се задоволи побарувачката на пазарот на труд, би ги направила дипломираните студенти попривлечни за идните работодавци, би привлекла студенти од целиот свет и би ја зајакнала европската конкурентност. 

Планот за европска диплома го трасира патот за нов тип на заеднички програми на национално, регионално или институционално ниво врз основа на сет на критериуми договорени на европско ниво. 

- Таквата европска диплома ќе ја намали бирократијата и ќе им овозможи на високообразовните институции од различни земји беспрекорно да соработуваат и да воспостават заеднички програми. Планот предлага конкретни чекори за соработка меѓу земјите членки на ЕУ и високообразовниот сектор кон создавање на европска диплома, која ќе биде автоматски призната низ цела ЕУ, се наведува во Информацијата за планот. 

Министерката за образование Симона Кустец најави дека во идина ваква помош би добивале и вонредните студенти кои имаат пријавено престој во Словенија.

Комисијата најавува и поддршка за земјите членки на ЕУ во воспоставувањето на европската диплома преку голем број конкретни активности од програмата Еразмус+, во чии рамки во 2025 година ќе започне „проект за европска диплома“ за обезбедување на финансиски стимулации за државите кои ќе се вклучат во проектот. 

Предлогот на Комисијата содржи и Препорака до земјите членки и високообразовните институции за поедноставување на процесите и практиките за автоматско признавање на универзитетските дипломи и за подобрување на перформансите на универзитетите.  

Исто така се предлага и подеднакво вреднување на различните улоги на академскиот кадар, со препораки до националните високообразовни системи се надминување на нееднаквиот третман кон персоналот на универзитетите вклучен во истражувањето и наставата, како и инвестирање во одржливиот развој.  

Следната фаза ќе опфати организирање дебати во наредните месеци со Советот на ЕУ и клучните чинители во високото образование за предложениот пакет, по што ќе се премине на институционална постапка за усвојување на предлозите. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан