Евробарометар: Нивото на доверба во ЕУ расте во земјите кандидати за членство
- Нивото на доверба во ЕУ се зголеми во земјите кандидати за членетсво во Унијата во споредба со она од пред шест месеци, покажуваат најновите резултати од истражувањето на Евробарометар објавени денеска, според кои, довербата кон блокот во земјава пораснала за еден процентен поен и сега изнесува 48 отсто.
Брисел, 10 јули 2023 (МИА) - Нивото на доверба во ЕУ се зголеми во земјите кандидати за членство во Унијата во споредба со она од пред шест месеци, покажуваат најновите резултати од истражувањето на Евробарометар објавени денеска, според кои, довербата кон блокот во земјава пораснала за еден процентен поен и сега изнесува 48 отсто.
Од останатите земји кандидати за членство, најголем раст на довербата се бележи во Турција од 12 процентни поени на 41 отсто, а по неа следуваат Босна и Херцеговина и Црна Гора со раст од по седум процентни поени на 57, односно 54 отсто. Во Албанија тој раст изнесува шест процентни поени на 77 отсто, а во Молдавија и Србија од по два процентни поени на 44, односно 32 отсто.
Што се однесува до граѓаните на земјите членки на ЕУ, како што јави специјалниот известувач на МИА од Брисел, 47 проценти од нив имаат доверба во Унијата, 45 отсто имаат позитивна слика за блокот, а 63 проценти се оптимисти за иднината на ЕУ.
Според анкетата, спроведена во текот на јуни 2023 година, европските државјани и натаму со големо мнозинство ја поддржуваат енергетската транзиција на Унијата и очекуваат поголем обем на инвестиции во обновливите извори на енергија, ги одобруваат мерките што ги презема Унијата за поддршка на Украина и украинскиот народ, а се залагаат и за засилена одбранбена соработка во рамките на ЕУ и за зголемување на издвојувањата за потребите на одбраната.
Од друга страна, најголема загриженост кај Европјеците предизвикуваат состојбите во економијата, иако мнозинствовто од нив очекуваат подобрување на економската ситуација. Во тој контекст мнозинството жители на ЕУ го поддржуваат Планот за обнова на Унијата, вреден 800 милијарди евра, и очекуваат тој да даде ефикасни одговори на актуелните економски предизвици.
Според истражувањето, 85 отсто од анкетираните сметаат дека се потребни поголеми инвестиции во обновливите извори на енергија, како што се ветерот и сончевата енергија, а 82 проценти веруваат дека зголемувањето на енергетската ефикасност на зградите, транспортот и стоките ќе ја направи Унијата помалку зависни од производителите на енергија надвор од ЕУ. Покрај тоа, 80 отсто сметаат дека земјите членки на ЕУ треба заеднички да купуваат енергенси од други земји за да добијат поповолна цена.
Дури 81 процент од испитаниците се согласуваат дека намалувањето на увозот на нафта и гас и инвестирањето во обновлива енергија е важно за севкупната безбедност на ЕУ, а 82 отсто сметаат дека Унијата треба што поскоро да ја намали својата зависноста од руските енергенси.
Што се однесува до војната во Украина, 88 проценти од граѓаните на ЕУ го поддржуваат давањето хуманитарна поддршка за лицата погодени од конфликтот, 86 отсто се за прифаќање на оние кои бегаат од воениот судир. 75 проценти ја одобруваат финансиската поддршка за земјата, а 72 отсто ги поддржуваат економските санкции воведни кон руската влада, компании и поединци.
Покрај тоа, 66 отсто се согласуваат со забраната руските државни медиуми, како Спутник и Русија Тудеј, да емитуваат програма во ЕУ, 64 проценти го поддржуваат испраќањето воена опрема за Украина, а ист токлав процент се согласуваат на земјата да и се додели кандидатски статус како потенцијална членка на ЕУ.
Во целина, 56 отсто од испитаниците се задоволни од одговорот на ЕУ на руската инвазија на Украина, а 54 проценти се задоволни од одговорот на нивната национална влада.
Во овој контекст, 77 отсто од Европејците се за заедничка одбранбена и безбедносна политика на ЕУ, 80 проценти сметаат дека соработката во сферата на одбраната на ниво на ЕУ треба да се зголеми, 77 отсто се за подобра координација меѓу членките при набавката на воена опрема, 69 проценти би сакале Унијата да го зајакне својот капацитет за производство на воена опрема, а 66 отсто сметаат дека треба да се издвојуваат повеќе средства за одбрана во блокот.
Дури 77 процетни од Европејците се на ставот дека ЕУ треба да гради партнерства со трети земји за да инвестира во одржлива инфраструктура и да ги поврзе луѓето и државите ширум светот, а 69 отсто веруваат дека Унијата има доволно моќ и алатки за да ги штити економските интереси на Европа во глобалната економија.
Кога станува збор за економските перцепции, 45 проценти од испитаниците сметаат дека состојбата на европската економија е добра, што претставува раст од пет процентни поени во однос на анкетата од пред шест месеци. Дури 55 осто од Европејците сметаат дека Планот за обнова на ЕУ може да биде ефективна мерка за одговор на тековните економски предизвици.
Поддршката за единствената европска валута во Еврозоната изнесува 78 отсто, додека на ниво на цела ЕУ таа изнесува 71 процент.
Инфлацијата и натаму предизвикува голема загриженост кај Европејците, иако таа сега е помала отколку на почетокот на годината. Така, 27 проценти мислат дека растот на центите, инфлацијата и трошоците за живот се најважните проблеми со кои се соочува ЕУ во моментот, што претставува пад за пет процентни поени во споредба од пред шест месеци. Меѓународната ситуација е на второ место како загриѓеност со 25 отсто, пред миграцијата со 24, животна средина и климатски промени со 22 и снабдувањето со енергија со 16 проценти.
Анкетата е спроведена во периодот од 31 мај до 21 јуни по принципот „интервјуа лице в лице“ во 27-те земји членки на ЕУ, при што се анкетирани 26.425 граѓани. Некои прашања биле поставени и на државјани на 12 други држави или територии. сп/нд/