• сабота, 23 ноември 2024

Објавени пет јавни повици од Програмата за развој на претприемништвото и конкурентноста на МСП за 2024 година

Објавени пет јавни повици од Програмата за развој на претприемништвото и конкурентноста на МСП за 2024 година

Скопје, 19 јули 2024 (МИА) - Министерството за економија и труд денеска објави пет јавни повици согласно Програмата за развој на претприемништвото и конкурентноста на мали и средни претпријатија за 2024 година, за што, како што објави министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, се одвоени вкупно 80.000.000 денари од буџетот на Министерството.

- Малите и средните компании од денеска може да аплицираат за пет мерки за да добијат финансиска поддршка за: субвенционирање на микро, мали и средни претпријатија, за субвенционирање на занаетчии, за надоместување на дел од трошоците за сертификација на ХАЛАЛ систем на мали и средни претпријатија (МСП), за надоместување на дел од трошоците за сертификација на системи за квалитет според ИСО стандарди на мали и средни претпријатија и за кофинансирање на проекти за развој и промоција на претприемништвото и занаетчиството, како и програмски активности на мрежите на бизнис ангели, наведуваат од Министерството за економија и труд.

За јавниот повик за субвенционирање на микро, мали и средни претпријатија се предвидени 57.000.000 денари, а може да аплицираат компании кои вработуваат најмалку две лица, преку кофинансирање на 40 отсто од докажаните трошоци направени за набавка на нови машини, но не повеќе од 350.000 денари по барател.

За јавниот повик за субвенционирање на занаетчии предвидени се 6.500.000 денари, а ќе се субвенционирааат занаетчии и вршители на занаетчиска дејност преку кофинансирање на 40 проценти од докажаните трошоци, но не повеќе од 200.000 денари по барател, направени зa набавка на нови машини и/или алати и дизајн на нов производ.

За јавниот повик за надоместување на дел од трошоците за сертификација на ХАЛАЛ систем се предвидени вкупно 2.000.000 денари, а ќе се кофинансираат 40 отсто од докажаните трошоци, но не повеќе од 200.000 денари поединечно за секој апликант, додека за јавниот повик за надоместување на дел од трошоците за сертификација на системи за квалитет според ИСО стандарди предвидени се 2.000.000 денари, а ќе се кофинансираат 40 отсто од докажаните трошоци, но не повеќе од 200.000 денари поединечно за секој апликант.

За кофинансирање на проекти за развој и промоција на претприемништвото и занаетчиството, како и програмски активности на мрежите на бизнис ангели предвидени се 8.000.000 денари. За оваа мерка предвидено е кофинансирање на проекти на фондации и здруженија кои се однесуваат на нефинансиска поддршка за развој на претприемништвото и конкурентноста на мали и средни претпријатија преку кофинансирање на 70 проценти од трошоците за реализација на проект, но не повеќе од 350.000 денари по апликант.

Како области за кофинансирање се наведени зелената економија, електронската трговија, пристапот до финансии и алтернативни форми на финансирање, интернационализацијата, циркуларната економија, дигитализацијата на процесите, вештачката интелигенција, промотивните активности на концептот за бизнис ангели и креирање на култура на социјално претприемништво.

Во прилог линкови од објавените јавни повици на веб страницата на Министерството за економија и труд:
1.Јавен повик за за субвенционирање на микро, мали и средни претпријатија
2.Јавен повик за субневционирање на занаетчии
3.Јавен повик за за надоместување на дел од трошоците за сертификација на
ХАЛАЛ систем на мали и средни претпријатија (МСП)
4.Јавен повик за за надоместување на дел од трошоците за сертификација на
системи за квалитет според ИСО стандарди на мали и средни претпријатија
(МСП) и
5.Јавен повик за за кофинансирање на проекти за развој и промоција на
претприемништвото и занаетчиството, како и програмски активности на мрежите
на бизнис ангели. вг/бак/

Фото: Министерство за економија и труд

Остани поврзан