• четврток, 26 декември 2024

Државниот просветен инспекторат утре ќе го посети училиштето во Челопек, министерката Јаневска најави утврдување на одговорност

Државниот просветен инспекторат утре ќе го посети училиштето во Челопек, министерката Јаневска најави утврдување на одговорност

Скопје, 1 декември 2024 (МИА) – Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, најави дека утре Државниот просветен инспекторат ќе го посети основното училиште „7 Март“ во Челопек за да ја испита одговорноста за организирање на училишна приредба на која учениците биле облечени во униформи со амблеми на неформални воени групации.

Во изјава за МИА, министерката Јаневска истакна дека Инспекторатот ќе утврди која е одговорноста на директорот, наставниците и стручниот тим во училиштето.

- Ќе провериме дали има злоупотреба на деца, дали приредбата е дел од наставниот план и кој го одобрил. Дали има програма за мултикултурализам, зошто наместо соживот и демократија се шири омраза и се промовира милитанство? Зошто не се слават заеднички херои од историјата и војните во кои заедно учествувале двата народи? Зошто не се гради заедништво и не се негува чувството на припадност на државата Македонија која треба да биде заедничка?, посочи министерката. 

Таа додаде дека доколку целта била да се шири патриотизам, тогаш требало да има симболи на државата на чија територија се наоѓа училиштето. 

Реакцијата на министерката следува по случајот во Челопек, каде што на училишна приредба во ОУ „7 Март“, учениците биле облечени во униформи со амблеми на неформални воени групации и парадирале со пушки во рацете. Настанот предизвика реакции во јавноста, а министерката Јаневска изрази длабоко разочарување и најави поведување постапка против раководството и наставниците на училиштето. Таа истакна дека ваквите активности се педагошки неисправни, нечовечни и казниви по закон. ар/бак/

Фото: МИА архива

Остани поврзан