• петок, 27 декември 2024

Од 1 јанаури се зголемуваат надоместоците за експлоатација на природни ресурси

Од 1 јанаури се зголемуваат надоместоците за експлоатација на природни ресурси

Скопје, 26 декември 2024 (МИА) -  Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини соопшти дека од 1 јануари 2025 почнува со наплата на до 100 отсто зголемени надоместоци за експлоатација на природните ресурси, со цел да се воведе ред во користењето на националните богатства и фер наплата.

-Со измените во Тарифник за утврдување на висината на надоместоците за издавање дозволи и концесии за вршење детални геолошки истражувања и концесии за експлоатација на минерални суровини, надоместоците за минерални суровини се зголемуваат до 100 проценти, што ќе значи и значајно зголемување на приходите за државата. Предлогот на министерството за зголемување на надоместоците е усвоен од Владата и објавен во Службен весник, со што новиот Тарифник почнува да се применува на 1 јануари, соопшти Министерството за енергетика. 

За користење на просторот за експлоатација, надоместот се зголемува за околу 30 отсто, за експлоатација на мермер надоместот ќе изнесува 5 отсто од приходот од продадената минерална суровина, наместо досегашниот процент од фиктивна цена. За металични минерални суровини, досегашните 2 отсто се зголемуваат на 4 отсто, а за неметалични минерални суровини, зголемувањето е во просек од над 100 порценти. 

Министерството посочува дека овие измени „не ги засегаат надоместоците за енергетски минерални суровини, како јаглен, со цел да се спречи дополнителен раст на цената на електричната енергија“.

Според Министерството за енергетика, со оваа мерка значително ќе се зголеми годишниот приход од концесиските надоместоци, кој во моментов е околу 10 милиони евра, а овие средства ќе бидат насочени кон подобрување на јавните услуги и поддршка на економскиот развој.

-Со новите измени обезбедуваме фер наплата за користење на нашите национални богатства, штитиме одржлив развој и гарантираме придобивки за сите – и за државата, и за приватниот сектор, истакнува  министерката Сања Божиновска.

Министерството наведува и дека за донесување на оваа одлука се раководело од детална анализа на регионалните и светските практики, како и од препораките од Државниот завод за ревизија.

-Извештајот од април 2024 година потенцира дека концесиските надоместоци во Македонија се најниски во регионот, што ја поттикна потребата за измени. Министерството продолжува со залагањата за фер управување со природните ресурси и зајакнување на економските придобивки од нивната експлоатација, соопшти Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. хс/дма/

Фото: Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини

Остани поврзан