• среда, 27 ноември 2024

Драмски театар со „Се викам Горан Стефановски“ на „Стеријино позорје“ во Нови Сад

Драмски театар со „Се викам Горан Стефановски“ на „Стеријино позорје“ во Нови Сад
Скопје, 27 мај 2022 (МИА) - Драмски театар Скопје со претставата „Се викам Горан Стефановски“ во режија на Бранислав Миќуновиќ ќе гостува на 67-то „Стеријино позорје“ во Нови Сад. Како што информираат од Драмски театар, гостувањето е во рамките на меѓународната програма „Кругови“, а претставата ќе биде изведена во недела на 29 мај. Драматург на претставата е Бранислава Илиќ, драмски писател и професор на Факултетот за драмски уметности во Белград. Претставата е авторска адаптација од изборот на драми и монтажа на сцени од седум драми на Горан Стефановски напишани во период од 1987 до 2021 година („Црна дупка“, „Лонг плеј“, „Сараево“, „Казабалкан“, „Хотел Европа“, „Euroalian“ и „Одисеј“) Сценограф на претставата е Александар Дениќ, автор на музиката Влатко Стефановски. Улогите во претставата ги толкуваат актерите: Биљана Драгиќевиќ – Пројкоска, Јелена Жугиќ, Софија Куновска, Соња Стамболџиоска, Ана Димитрова, Мето Јовановски, Драган Спасов – Дац, Игор Ангелов, Златко Митрески, Стефан Вујисиќ, Дамјан Цветановски и Саша Димитриевска. Прво учество на Драмски театар Скопје на „Стеријино позорје“ било во 1966 година со претставата „Богомилска балада“. ар/са/

Остани поврзан